По вчерашната прес-конференција на која родителите на возачот Васил Јованов кој смртно ја прегази Фросина Кулакова изјазија сочувство за загубата, со реакција се јави Тодор Кулаков, таткото на починатата девојка. Тој им порача на родителите на Јованов дека никогаш немале вистинско каење бидејќи сочувство испраќаат дури по 9 дена од смртта на неговата ќерка.

„Антисистемот ствара вакви родители кои пак ствараат убиец. Никогаш немаат вистински каење, а кои и после 9 дена не изразија сочуство… Ниту не исконтактираа…Ама затоа веднаш подметнуваат телефон во “Шутка”, за да се договараат како да го прикриваат делото – “Убиство” на син им !!!!!!!!! Подеднакво исто како што и претходните случаи со судијката ги прикривале, што ги прави соученици со кривична одговорност !!!!!!!!! Значи нема нити каење, ни станува збор за сочувство… Има само акција за да се изманипулира јавноста и стекнат симпатии од страна на родителите на убиецот“, напиша таткото на починатата Фросина на социјалните мрежи.

Мајката и таткото на возачот Васил Јованов кој ја усмрти Фросина Кулакова, вчера на прес-конференција изразија сочувство поради смртта на младата девојка. Мајката на Васил, Ана Јованова во изјава за медиумите изнесе родителско сочувство, особено до мајката на Фросина бидејќи, како што вели, „само мајка може да разбере како ѝ е на другата мајка во ваква ситуација“.

Според неа, кобната вечер се зацрнија два дома.

Вчера Васил Јованов доби 3 години и 8 месеци затвор од Апелацискиот суд Скопје во второстепена постапка за кривичното дело за кое беше фатен со 80 кесички амфетамин.

За денес во 14 часот во Неготино е најавен нов протест преку кој ќе се испрати порака за правда за загинатата девојка.
Фросина Кулакова беше прегазена на пешачки премин на булеварот Партизански одреди во Скопје на 29 јануари од 20-годишниот Васил Јованов за кого беше објавено дека возел пијан, без возачка дозвола и минал на црвено светло.
Јавноста дополнително се вознемири по информациите дека возачот им бил познат на органите од постапка во која лани му се судело за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги и прекурсори, но судот му одредил мерка поправен дом третирајќи го како помлад полнолетник.
И претходно предизвикал сообраќајна незгода без возачка дозвола, но се спогодиле со оштетената страна.