Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски синоќа ги посети полициските службеници кои учествуваат во обемната акција која МВР ја започна од вчера на силни сообраќајни акциски контроли низ главниот град.

„Седумнаесет главни булевари и улици ќе се покриваат интензивно од страна на МВР во делот на сторени сообраќани прекршоци од сите учесници во сообраќајот. Фокусирано сме булеварите бидејќи тие се црните точки каде најчести се случуваат сообраќајните несреќи и одземаат човечки животи.

Упатувам апел до сите учесници во сообраќајот, особено до возачите, да бидат внимателни, да ги почитуваат доследно сообраќајните правила, да не управуваат возила надвор од дозволената брзина, да не поминуваат на црвено, да не забрзуваат на жолто, да не управуваат возила под дејство на алкохол, бидејќи највредното нешто што го имаме во државата се луѓето и човечкиот живот“, истакна министерот и притоа упати пораки до сите учесници во сообраќајот.

Министерот Тошковски потенцираше дека МВР ќе преземе голем број дејствија во рамки на своите надлежности и ќе делува максимално активно и превентивно во дејствијата со цел намалување на жртвите во сообраќајот.

„Минатата година има 142 жртви во сообраќајни несреќи. Тоа се страшни бројки. Сите како општество мора да се фокусираме тие бројки да се намалат.

Имаме начин како да се намалат овие бројки. Интензивно работиме на имплементација на проектор „Безбеден град“ кој ќе прерасне во „Безбедна држава“. Овој проект апсолутно ќе помогне во зачувување на човечките животи и во зголемувањето и имплементирање на сообраќајна култура која ни е потребна.

Сигурен сум дека во иднина со макотрпна работа, реализација на планираните проекти и усогласување на законската регулатива во иднина ќе имаме значително помали бројки на жртви од сообраќајни незгоди.“, на крај истакна министерот Тошковски.