Грчката влада денеска прогласи вонредна состојба на Санторини, откако островот во Егејското Море беше погоден од серија земјотреси кои предизвикаа евакуација на повеќе од 10.000 жители и туристи.

Министерството за цивилна заштита соопшти дека вонредната состојба ќе важи до 3 март, со цел да се одговори на потребите на населението и последиците од сеизмичките активности.

Според грчките медиуми, од 26 јануари досега се регистрирани 7.700 земјотреси на подрачјето меѓу Санторини и островот Аморгос. Само во вторникот се регистрирани 1.300 земјотреси. Најсилниот земјотрес е регистриран синоќа и бил со јачина од 5,2 степени според Рихтеровата скала.

Експертите предупредуваат дека постои ризик од лизгање на земјиштето на Санторини, кој се зголемува со зголемување на сеизмичката активност, пренесува Катимерини.

Во меѓувреме, Израел се подготвува за можно цунами поради земјотресот во Санторини, пишува „Тајмс оф Израел“.

Според извештаите, заменик-шефот на Советот за национална безбедност на Израел одржал итен состанок со владините агенции за да го процени нивото на закана.

Според плановите, предвидена е заштита на критичната инфраструктура и се подготвуваат рути за евакуација.

Доколку не дојде до цунами, Израел се подготвува да и помогне на Грција и на меѓународните хуманитарни мисии.