Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис денеска изјави дека Европа треба да ги зголеми трошоците за одбрана за да ја зајакне својата безбедност во услови на војна во Украина и на Блискиот Исток.

Мицотакис изјави дека Европа треба да преземе поголема одговорност за својата безбедност во сегашните околности, објави Фајненшл тајмс.

Кирјакос Мицотакис предлага создавање на европски финансиски инструмент вреден 100 милијарди евра, кој ќе може да ги финансира барањата на колективната европска безбедност надвор од националните буџети, следејќи го моделот на позитивното искуство на Фондот за закрепнување и отпорност и во исто време предлага зголемена флексибилност во буџетските правила со цел да се даде буџетски простор на земјите членки за одбранбени инвестиции.

На крајот Мицотакис нагласува дека Грција како земја членка на првата линија и на ЕУ и на НАТО, и како земја која се соочува со уникатни и непосредни безбедносни предизвици, особено во Источниот Медитеран, пред подолго време ја сфати критичната важност на одбранбените инвестиции.

Претседателот на Европскиот совет Антонио Коста на 29 јануари рече дека дваесет и трите членки на ЕУ, кои исто така припаѓаат на НАТО, најверојатно ќе се согласат да ги зголемат трошоците за одбрана над сегашната цел од два отсто од БДП на самитот на Алијансата во јуни.