Советот на ЕУ гласаше за укинување на проверките на копнените шенгенски граници на Бугарија и Романија од 1 јануари следната година, објави БГНЕС, пренесува Трибуна.

Одлуката стана возможна откако Австрија и Холандија го укинаа ветото. Бугарија и Романија ќе продолжат да вршат проверки по случаен избор на шенгенските граници уште 6 месеци.

БГНЕС потсетува дека Бугарија и Романија се приклучија на Шенген, по воздушен и воден пат, во март 2024 година, но проверките на копнените граници останаа. На 22 ноември Австрија потпиша договор со Бугарија и Романија за нивно целосно пристапување во Шенген од 1 јануари следната година.