Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за шеф на вселенската агенција НАСА го назначи милијардерот Џаред Исакман (41), кој беше првиот цивил кој одеше во вселената како дел од проектите Space X.

Тој е близок соработник на Илон Маск, чија компанија Space X ги водеше двете мисии со целосно цивилни екипажи во кои учествуваше Исакман, пренесе АП.

Како дел од друга таква мисија наречена „Поларис зора“, Исакман излезе од капсулата и изведе вселенска прошетка.

Исакман, кој своето богатство го заработи водејќи ја својата компанија за електронско плаќање, ќе го замени директорот на НАСА Бил Нелсон (82), поранешен демократски сенатор од Флорида, кој беше назначен од претседателот Џозеф Бајден.

Исакман изјави дека е почестен со изборот на Трамп, како и дека е благодарен што може да извршува таква функција.

Тој на платформата X рече дека „имајќи доволно среќа да ја види нашата фантастична планета од вселената, тој страсно гледа на водечката улога на САД во најневеројатната авантура за освојување на космосот“.

За време на мандатот на Нелсон, НАСА ги засили напорите за враќање на астронаутите на Месечината, а американската вселенска агенција смета на SpaceX на Маск да ги спушти на површината на Месечината со својата мега ракета Starship.

НАСА веќе и довери на компанијата на Маск транспорт на астронаути до и од Меѓународната вселенска станица, потсети АП.

Маск преку социјалната мрежа Х му честиташе на Исакмен за изборот, опишувајќи го како човек со „големи способности и интегритет“.