Гужви се создадоа денес пред Спортскиот центар „Борис Трајковски“, каде граѓаните ги чекаа ваучерите за инвертер-клима уредите.

Ќе бидат доделени 6.182 ваучери, односно 155 милиони денари во две програми за енергетска ефикасност и ранливи потрошувачи.

Министерката за енергетика, Сања Божиновска пред новинарите изјави дека со цел да биде овозможена подобра распределба, денеска на 30 места во Македонија се доделуваат ваучерите, и тоа, во Скопје и Битола во спортските сали, а на останатите места ќе бидат во соработка со Агенцијата за вработување.

Божиновска очекува дека ќе нема злоупотреби со препродавање и дека сите граѓани што добиле ваучери ќе купат и ќе вградат инвертери во своите домови.

„Доколку некој прави нешто што е спротивно на законот, тоа ќе биде санкционирано. Меѓутоа, ние се надеваме дека ќе нема такви злоупотреби затоа што ова е за ранливи категории и за енергетска ефикасност“, рече Божиновска.

Прашана од новинарите за жалби поврзани со доделување на ваучери по партиска основа, Божиновска изјави дека ги охрабрува сите што сметаат дека не бил во ред процесот да се обратат официјално до Министерството и тие ќе реагираат до правната служба.

„Ние воопшто не бевме инволвирани во процесот. Ние само ги добивме имињата на тие што ги добиле ваучерите и имињата на фирмите“ изјави Божиновска, објаснувајќи дека процесот во февруари го почна Министерството за економија, каде што имаше петчлени комисии, а Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини само го спроведува доделувањето на ваучерите.

Добитниците на ваучерите имаат 24 дена до крајниот рок од 30 ноември за да ги подигнат и да ги купат клима-уредите.

Божиновска денеска објасни дека вредносните купони за купување инвертери не биле испратени по пошта или на друг начин затоа што корисниците на субвенцијата треба да потпишат договори.