Продажбата на нови хибридни и електрични автомобили се зголеми за три пати во Франција во 2020 година во споредба со 2019 година, достигнувајќи 21,5 отсто од вкупните регистрации, но пазарот на автомобили се спушти на нивото од 1975 година, јави дописникот на МИА.
Учеството на нови хибридни и електрични автомобили продадени во Франција речиси тројно се зголеми минатата година, истовремено, продажбата на дизел патнички автомобили продолжи да се намалува, на 30,6 отсто од регистрациите наспроти 34,1 отсто во 2019 година, што е пад од над 50 отсто во релативната вредност од 2014 година, покажуваат статистичките податоци на Комитет на француски производители на автомобили.
Во 2015 година изби скандалот со „дизелгејт”, кој го најави падот на дизел моторите, кои претходно беа најпопулари меѓу француските купувачи, главно поради пониските даноци на дизелот, кој оттогаш исчезнаа.
Поттикнати од владината помош за купување и развој на понудата од француски производители, потрошувачите кои бараат пониска цена на употреба делумно се префрлија во 2020 година на хибридни (бензинско-електрични) мотори или на 100 проценти електрични автомобили.
За вторите, кои долго време стагнираа под еден отсто удел на пазарот, 2020 година значеше раст, бидејќи тие сега претставуваат 6,7 отсто од регистрациите на нови патнички автомобили, наспроти 1,9 отсто една година претходно.
Хибридите зазедоа 14,8 отсто од пазарот наспроти 5,7 отсто во 2019 година, нешто помалку од една третина од нив се полнат на електрична енергија..
Со оглед на силниот пад на францускиот пазар на автомобили во 2020 година во позадина на здравствената криза (-25,5 отсто), бројките се помалку спектакуларни во апсолутна вредност: хибридните регистрации достигнаа 243.600 единици, нешто помалку од двојно, односно 125.400 од 2019 година
За електричните возила надминат е прагот од 100.000 годишни единици, со речиси 111.000 нови автомобили со „нулта емисија на штетни гасови” на патиштата во 2020 година, наспроти околу 43.000 претходната година.
Најдобар е моделот на Рено Зое со 37.000 продажби, дури се наоѓа и на деветото место на сите мотори комбинирани во 2020 година.
Побараувачката за „електрифицираните” модели е на штета на дизел моторите, но особено на бензинот: овие, кои претставуваа 57,9 отсто од регистрациите во 2019 година, паднаа на 46,9 отсто во 2020 година, но сепак останаа категоријата која е најизбрана од новите купувачи.
Вкупно во Франција беа пуштени во сообраќај околу 1,65 милиони нови патнички автомобили во минатата година, за разлика од 2,2 милиони во 2019 година.
Погоден од здравствената криза, францускиот пазар на автомобили доживеа пад за 25,5 отсто во 2020 година, враќајќи се на нивото од 1975 година. Дури и „за време на кризите во 90-те или 2000-те, ние никогаш не паднавме под 1,7 милиони единици”, изјави директорот за односи со јавноста на Комитет на француски производители на автомобили, Франсоа Рудиер.
Секторот беше жртва на затворање на концесиите за продажба и на фабриките за време на првото затворање во пролетта. Француските производители ПСА (Пежо, Цитроен и Опел) и Рено се задржаа малку подобро на пазарот, но нивната испорака сепак е намалена за 25,1 отсто и 24,9 отсто, во споредба со 2019 година, додека странските производители ја намалија продажбата за 26,1 отсто.