(ВИДЕО) Мицкоски за Кримската платформа: Мојата земја ќе остане покрај вас во овие тешки моменти, ние ќе стоиме со Украина се додека е потребно

„Мојата земја нема да ги признае нелегалните обиди за анексија на привремено окупираните територии. Драги украински пријатели, дозволете ми уште еднаш да повторам: мојата земја ќе остане покрај вас во овие тешки моменти, а ние ќе стоиме со Украина се додека тоа е потребно. – изјави премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски во видео обраќањето во рамките на Четвртиот самит на меѓународната иницијатива Кримска платформа.

Премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, повика на враќање на територијалниот интегритет на Украина. Тој нагласи дека неговата земја ги почитува меѓународно признатите граници и ја поддржува Украина во меѓународните иницијативи како што е Кримската платформа.

„Руската агресија против Украина не започна на 24 февруари, таа започна пред десет години со илегалната окупација на Крим. И ова беше почеток на агресивниот и целосен чин на Русите против вашата татковина и вашиот народ“, нагласи Мицкоски.

Тој, исто така истакна дека Северна Македонија го одобри формирањето на специјален трибунал за злосторства за агресија врз Украина, нов регистар на штети за иден механизам за компензација за Украина. Дополнително, премиерот Мицкоски посочи дека Северна Македонија е посветена на поддршката на украинскиот народ и обезбедување на сета расположлива помош за оние на кои им е потребна.

Кримската платформа е меѓународен механизам за координација инициран од Украина за враќање на кримското прашање на агендата, заштита на човековите права на Крим и промовирање на деокупација на полуостровот, зајакнување на европската и глобалната безбедност.

#Платформа на Крим2024 #КримЕУкраина

Драган Мишев