Во Тирана денеска почна тридневен  Самит на жените од Авганистан, што е најголема средба на активистки за човекови права на жени и девојки од Авганистан во последните три години.

Поздравувајќи ги присутните на овој самит, албанскиот министер за Европа и надворешни работи, Игли Хасани рече дека „тој е прв од овој формат кој се одржува во Тирана“, оценувајќи го при тоа како историски настан, бидејќи „првпат се собрале толку голем број жени активистки од Авганистан“.

Хасани нагласи дека Албанија е дел од меѓународните напори за воспоставување мир и стабилност во Авганистан, во рамките на мисијата ИСАФ, а потоа и преку мисијата „Одлучна поддршка“, предводена од НАТО

-Нашата земја ја поддржува храброста, издржливоста и силата на авганистанските жени, кои продолжуваат да се борат за своите основни права и храбро ја осудуваат бруталноста на режимот, додаде тој.

Се задржа и на гостопримството на неговата земја што го потврдила со прифаќање на авганистански бегалци.

-Прифаќањето на Авганистанците кои бегаат од ужасот по враќањето на талибанците на власт, не е само длабока заклетва на честа, поврзана со уникатната традиција на гостопримство на Албанија, туку јасно ја покажува решеноста на албанската Влада да го обезбеди секој Авганистанец кој ќе влезе на нејзина територија, со сите основни алатки неопходни за уживање на човечкото достоинство и целосна безбедност во Албанија. Гаранцијата на правата на жените и девојките останува приоритет на албанската влада, нагласи Хасани.

Посочи дека Албанија во Советот за безбедност е фокусирана и на унапредување на агендата „Жените, мирот и безбедноста“, бидејќи според него, „одговорноста да се крене гласот не е само на авганистанските жени, туку на сите нас“.

Додаде дека „самостојноста и постоењето на авганистанските жени и девојки во општеството се изложени на ризик“, нагласувајќи дека „не може да има праведно човечко општество ако не ги почитува женските права“.

Околу 100 Авганистанки, вклучително и мрежите на авганистанските жени во различни земји, учествуваат на тридневниот самит како платформа за градење единство и кохезивна порака и засилување на нивниот глас.

Самитот се одржува под покровителство на албанската влада преку Министерството за Европа и надворешни работи и е во организација на „Жените за Авганистан (WFA)“, во соработка со владите на Шпанија и Швајцарија.