Најмалку пет лица се убиени во денешните напади низ Авганистан, соопштија официјални лица, што дополнително ја зголемува загриженоста за судбината на прекинатите мировни разговори, јавија западните агенции.

Властите во провинцијата Фарах соопштија дека авганистанските талибански бунтовници утринава нападнале полициски штаб, убивајќи еден и ранувајќи тројца полицајци.

Според нив, нападот почнал кога полицаец пукал во бомбаш-самоубиец. Меѓутоа неговото возило експлодирало, по што напаѓачите отвориле оган. Во инцидентот загинале најмалку четворица бунтовници, а осуммина се повредени, соопшти полицијата.

Во провинцијата Газни,пак, од огнено оружје се убиени двајца вработени во локалната даночна администрација, додека во провинцијата Кост, од подетната бомба на патот убиен е припадник на безбедносните сили, а две други лица се ранети.

Најмалку едно лице загина, а 13 се повредени во утринските експлозии во Кабул, каде цел на еден од напаѓачите бил минибус со вработени во Државниот завод за статистика.

Досега никој не ја презеде одговорноста за нападите.

Извор.МИА