Бербок го обвини Путин дека сака да ги смрзне Украинците со нападите на инфраструктурата

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок го обвини рускиот претседател Владимир Путин дека се подготвува за нова „студена војна“ против Украина, со цел да ги „смрзне луѓето“.

Во последните недели и месеци особено е нападната инфраструктурата за снабдување со топлина и вода, изјави таа на консултациите со колегите во Брисел, пренесува МИА според Тагесшау.

– Сето тоа е со намера да се смрзнат луѓето во зима. Путин цели кон уште помасовна „студена војна“ од претходните години, рече шефицата на германската дипломатија.

Според неа, одговорот на Европската унија треба да биде нов „заштитен штит“ за Украина.

Таа истакна дека официјален Берлин сака до крајот на годината да испорача уште четири противвоздушни системи ИРИС-Т, како и дополнителни тенкови Гепард.

– Воздушната одбрана сè уште е најважна работа за заштита на човечките животи на терен во Украина, рече Бербок.