Советот за безбедност на ООН донесе одлука да се стави крај на заедничката мисија на Африканската унија и мировните сили на Обединетите нации во западниот дел на Дарфур во Судан кога истекува мандатот на 31 декември, по притисокот од преодната влада во земјата, Русија и африканските земји.
Доцна синоќа, Советот за безбедност едногласно одлучи да не го продолжува мандатот на заедничката мисија позната како УНАМИД.
Во јуни, Советот за безбедност едногласно одобри замена на таа мисија со многу помала и чисто политичка мисија, позната како Мисија за интегрирана помош на Обединетите нации во Судан или УНИТАМС.
Силите на УНАМИД основани во 2007 година беа првата заедничка мировна операција на ООН и Африканската унија, која броеше над 6.000 воени и полициски персонал и повеќе од 1.500 цивилни лица.
Суданската влада се залага мисијата да се затвори кога ќе и истече мандатот на крајот на годината, поддржана е и од Русија, Нигерија, Јужна Африка, Тунис, Свети Винсент и Гренадини на состанокот на Советот за безбедност претходно овој месец.
Неколку западни земји бараа малку повеќе време пред да излезе УНАМИД, а германскиот амбасадор во ООН Кристоф Хојгсен предупреди дека Судан се наоѓа во критичен момент и дека процесот на транзиција сè уште може да излезе од колосек.
Судан е на кршлив пат кон демократијата по соборувањето на автократскиот претседател Омар ал-Башир во државниот удар предводен од армијата во април 2019 година, по речиси тридецениско владеење.
Оттогаш, земјата ја водеше заедничка воено-цивилна влада, која се бори да стави крај на граѓанските војни во земјата и да ја надмине тешката економска состојба.
ООН ја повикаа суданската влада целосно и брзо да го спроведе планот за обезбедување заштита на цивилите во Дарфур. Владата веќе започна со распоредување на Цивилни заштитни сили од 12.000 војници во регионот како дел од мировниот договор постигнат со Суданскиот револуционерен фронт, коалиција од неколку вооружени групи.
Советот за безбедност ја повика преодната влада да работи на градење доверба на локалните заедници во можноста на институциите да обезбедат правда, да обезбедат отчет и да обезбедат правна заштита на ранливите заедници.