Вечерва во 19 часот пред споменикот на Рацин кај Гимназијата која го носи неговото име во Велес ќе стартува третата атлетска трка на 5 и 10 километри „Трчаме за Рацин“ 2024. Стартно-целната линија е споменикот на Рацин, a патеката ги води натпреварувачите низ главните улици на Велес.
-За учество се пријавени над 1000 натпреварувачи од атлетските клубови и спортисти од Велес и земјава, како и гости од соседните земји, кои ќе бидат бодрени од неколкуилјадна публика, информираат организаторите од АК „Борец“ кои трката ја организираат со поддршка на Општина Велес и бројни спонзори.
Од АК„Борец“ истакуваат дека преку овој, веќе традиционален, спортски маратон за кој има се поголем интерес и како резултат на тоа и се’ поголем број учесници, се промовира здравиот начин на живот и се поттикнува пријателска конкуренција преку групни учества од компании, клубови и сите кои практикуваат трчaњето.
Воедно потсетуваат дека трката „Трчаме за Рацин“ ја заслужи честа да биде избранa за најдобра и најпосетена спортска манифестација од страна на Сојузот на спортови на град Велес две последователни години.
Од АК „Борец “ потсетуваат и дека на минатогодинешната „Трчаме за Рацин“ повеќе од 630 учесници се натпреваруваа на 5 км, 10 км и на Детската трка.
Организаторот подржан од Општина Велес и бројни спонзори по трката ќе додели награди, пехари и признанија на најдобрите во женска и машка конкуренција.