1582.- Во Франција е воведен Грегоријанскиот календар. Папата Грегорие Осми, изврши реформи на Јулијанскиот календар отстранувајќи ја разликата од 10 дена и нареди зад четврток – 4 октомври 1582 година, следниот ден да се смета како петок 15 октомври, а секоја четврта година да биде престапна. Тоа се главно основите на Грегоријанскиот календар што набрзо почнаа да го прифаќаат и другите европски земји.
1699.- Рускиот цар Петар Велики го модернизираше рускиот календар, соопштувајќи дека Нова година ќе почнува на 1 јануари, а не на 1 септември како што беше дотогаш. Петар тогаш го отфрли византискиот календар поведувајќи се по европскиот пример.
1795.- Роден е германскиот историчар Леополд фон Ранке, професор на Берлинскиот универзитет и член на Пруската академија на науките. Тој главно се бавеше со историјата на германскиот и романскиот народ, но пишуваше и за народите од централана и југоисточна Европа. Студираше теологија и филологија, а докторираше филозофија. Дела: „Француска историја“, „Англиска историја“, „Римскиот папа“, „Германска историја за време на реформите“.
1830.- Учесниците на Лондонската конференција, на која беа застапени Британија, Франција, Австрија, Прусија и Русија, се согласија за одделување на Белгија и Холандија, по востанието што го кренаа Белгијците за да формираат независна држава.
1860.- Јужна Каролина прва се отцепи од САД. Тоа беше вовед во четиригодишната граѓанска војна која почна во 1861 година.
1894.- Роден е австралискиот државник Гордон Мензис, премиер на Австралија со најдолг стаж. Беше шеф на владата како лидер на Обединетата австралиска партија од 1939 до 1941 година, а потоа како водач на Либералната партија од 1949 до 1966 година. Значително придонесе за јакнањето на влијанието на САД во Австралија со што земјата ја вовлече на американска страна во Виетнамската војна.
1902.- Француските научници Марија и Пјер Кири лабораториски издвоија нов елемент – радиум што го открија уште во 1898 година. Тие тогаш, само утврдија дека радиумот постои, но беа потребни низа години голема работа, трпеливост и самооткажување додека Марија Кири успеа лабораториски да ги издвои чистите честички на радиумот. Во 1903 година Марија и Пјер Кири ја добија Нобелова награда за физика.
1909.- Во Охрид е роден Андон Дуков, македонски ликовен уметник и борец во НОВ на Македонија. На 16 февруари 1944 година борци на Првата македонско-косовска НОУ бригада го пронајдоа смрзнат и бос, со празен ранец на грбот и со пушка која ја држел со згрчени раце.
1912.- По победата на балканските сојузници кои ги освоија речиси сите турски европски поседи, во Лондон почна мировната конференција меѓу Турција и блаканските земји.
1923.- Во Штип е роден Ацо Шопов, истакнат македонски писател и академик. Тој е еден од основоположниците на модерната македонска литература. Неговата прва книга стихови “Песни” објавена е во 1944 година. Меѓу другите познати дела се “На Грамос”, “Стихови за маката и радоста”, “Слеј се со тишината”, “Ветерот носи убаво време”, “Небиднина” и други. Покрај писателската дејност тој беше уредник на книжевните списанија “Иднина”, “Нов ден”, “Хоризонт” и “Современост”. Умре во Скопје на 20 јануари 1982 година.
1925.- Во Прилеп е роден Властимир Николовски, еден од најголемите македонски композитори во историјата на повоената македонска музика и академик. Меѓу бројните дела познати му се ораториумот „Клименту“, кантатата „Сердарот“, симфониите “Бревис“, „Барбара“ и „Рустика“ и други. Умре во Скопје, на 28 март 2001 година.
1937.- Умре германскиот генерал и воен писател Ерих Фридрих Вилхелм Лудендорф, еден од клучните германски команданти во Првата светска војна. На почетокот на војната успешно ги раководеше операциите на Источниот фронт, а во 1916 година беше поставен за прв помошник на штабот на Врховната команда. Дела: „Тотална војна“, „Моите воени спомени 1914-1918“.
1960.- Основан е Фронтот на национално ослободување на Јужен Виетнам, познат како Виетконг, антиамериканско герилско движење кое во содејство со армијата на Сверен Виетнам во 1975 година извои победа над војската на САД и силите на јужновиетнамската влада.
1968.- Умре американскиот писател Џон Стајнберк, добитник на Нобеловата награда за книжевност во 1962 година. Дела: романите „Плодови на гневот“, „Зимата на нашето незадоволство“, „Источно од рајот“, „Квартот Тортиља“, „За глувците и луѓето“, „Во неизвесна битка“, патописот „Патувањата со Чарли“, есејот „Краткото владеење на Пипин Четврти“.
1970.- Владислав Гомулка, шефот на владејачката Полска обединета работничка партија (комунисти) поднесе оставка поради притисокот од работничките немири. Него го наследи Едвард Гјерек.
1970.- Претседателот на Пакистан Ага Мохамед Јахја Кан поднесе оставка по поразот на трупите на неговата земја од индијската армија во Источен Пакистан (сегашен Бангладеш) и му ја предаде власта на Зулфикари Али Бут.
1971.- Во Москва умре Александар Трифонович Твардовски, еден од најголемите руски поети. Се смета за еден од предводниците на десталинизацијата во литературата. Од делата познати му се поемите „Вадилиј Тјоркин“ и „По далечината – далечина“, сихозбирката „Од лириката на овие години“ и други. Роден е во 1910 година.
1973.- Од експлозија на бомба со разорна моќ поставена под патот и активирана по доаѓањето на неговиот службен автомобил, во Мадрид е убиен шпанскиот претседател на влада адмиралот Луис Кареро Бланко. Беше предвидено на чело на државата тој да го наследи Франциско Франко.
1982.- Во Женева умре Артур Рубинштајн, пијанист-космополит, од полско потекло, еден од најголемите интерпретатори на класичната музика во 20. век. Роден е во Лоѓ, во Полска, на 28 јануари 1887 година.
1987.- Во најголемата мирновременска несреќа на море, сударот меѓу филипинскиот ферибод „Дона Паз“ и еден танкер го преживеаја само 11 од 4.397 патници и членови на екипажот на ферибодот. „Дона Паз“ беше регистриран за превоз на најмногу 1.500 луѓе.
1989.- САД ја почнаа инвазијата врз Панама со 12.000 војници, на кои им се придружија уште толку американски војници стационирани во земјата поради отстранување на поранешниот американски штитеник претседателот на владата Мануел Антонијо Норијега.
1990.- Шефот на советската дипломатија Едвард Шеварнанѕе ненадејно поднесе оставка, предупредувајќи го парламентот на опасноста од воспоставување диктаторски поредок во земјата.
1993.- Кралството Шведска и Кралството Норвешка воспоставија дипломатски односи со Република Македонија.
1994.- Непопустливоста во разговорите меѓу руското и чеченското раководство доведе до жестоки борби во главниот град на Чеченија, Грозни и до стотици загинати невини граѓани.
1994.- Собранието на Република Македонија донесе одлука за избор на Владата на Република Македонија. За претседател на Владата е избран Бранко Црвенковски.
1995.- Американскиот авион „Боинг 757“ со 163 патници и членови на екипажот, кој леташе од Мајами кон колумбискиот град Кали, се урна во планините на југозападна Колумбија, а несреќата ја преживеаја само четири лица.
1996.- Во Сиетл умре Карл Саган, американски астроном и писател, добитник на Пулицеровата награда во 1978 година за неговата книга „Змејовите од рајот“. Други негови познати дела се „Космос“, „Марс и човековиот ум“, „Други светови“ и други дела. Роден е во 1934 година.
1998.- Американката Нкем Чуква, со нигериско потекло, роди осумка, што беше прв таков познат случај. Седум дена подоцна умре најмалото бебе.
1999.- Со симболично навлегување на единиците на кинеската армија, португалската енклава Макао по четири и пол века стана дел од Кина. Пристанишниот град Португалците почнаа да го градат во 1557 година, а со договорот помеѓу Лисабон и Пекинг градот и територијата околу него во 1887 година официјално стана португалска колонија.
2001.- Умре сенегалскиот државник и писател Леполд Седар Сенгор, поранешен претседател на Сенегал, еден од најистакнатите африкански лидери и светски познат писател. Шеф на државата стана во 1960 година и на таа функција остана две децении.
2001.- Советот за безбедност на Обединетите нации едногласно ја усвои резолуцијата за испраќање меѓународни сили во Авганистан под команда на Велика Британија.
2001.- Умре Борко Темелкоски – Лилјакот, народен херој на Југославија, од Македонија. Роден е во Прилеп, на 11 август 1933 година.
2004.- Во Чикаго умре Сон Силис, еден од најпознатите блуз-гитаристи во светот. Роден е во 1942 година.