Американската влада потврди за „голем и долг” кибер напад против нејзини мрежи, јавија американски медиуми.
Хакери за кои се верува дека работат за Русија го следеле испраќањето на имејли во Министерството за финансии на САД, јавија американските медиуми повикувајќи се на свои извори. Тие изразија загриженост дека откриениот кибер напад може да биде само „врвот на ледениот брег”.
„Ситуацијата се развива и додека продолжуваме да работиме на утврдување на целосниот обем на оваа кампања, знаеме дека овој чекор влијаеше врз мрежите на федералната влада”, се вели во заедничкото соопштение на Федералното биро за истраги (ФБИ) и Агенцијата за кибер безбедност и на канцеларијата на директорот за националното разузнавање.
Трите институции формираа заедничка група за координација на одговорот на американската влада. Советникот за национална безбедност на Белата куќа Роберт О’Брајан ја прекина турнејата низ Европа и се врати во Вашингтон заради кибер нападот.
Русија негира вмешаност во хакерскиот напад.