Државата ја прави исплатата кон банките за финансиската поддршка од по 6.000 денари предвидена во четвриот пакет мерки за ранливи категории граѓани, по што банките ќе треба да ги префрлат средствата на трансакциските сметки на корисниците.
Ова го соопшти премиерот Зоран Заев денеска на прес-конференција одговорајќи на новинарско прашање.
-Заради тоа што сакаме да водиме грижа за сите и да не се создаваат собирања пред банките, одлуката ја донесовме да се исплати помошта на трансакциските сметки на сите категории што спаѓаат во оваа мерка. Државата ја прави исплатата кон банките, а на кроисниците ќе им биде исплатена на нивната трансакциска сметка, рече премиерот додавајќи дека не е целта тие да отвораат нова сметка во некоја друга банка.
Појасни дека самиот систем на платен промет овозможува да ги праќа парите преку самите банки, а банките на трансакциските сметки.
Со четвртиот пакет антикризни мерки се предвидува финансиска помош од по 6.000 денари на граѓани со низок доход, самохрани родители, пензионери со пензии до 15.000 денари, невработен кои се пасивни баратели на работа, самостојните уметници, филмски работници, културни работници и естрадни уметници, корисници на право на социјална сигурнот на стари лица, деца без родители и родителска грижа…
Прочистениот список Управата за јавни приходи треба до Генералниот секратаријат да го достави до крајот на неделата, по што ќе се направи соодветна објава.