Амбасадорот на Соединетите Држави во Косово, Џефри Ховениер, го повтори ставот на САД дека официјална Приштина мора да формира Заедница на општини со српско мнозинство, а тоа мора да биде и во согласност со Уставот и законите на Косово.
„Не треба да има трето ниво на власт, не треба да има извршни овластувања, не сакаме друга Република Српска (ентитет во Босна и Херцеговина), не сакаме нешто што негативно би влијаело на функционирањето на Косово како држава“, изјави Ховениер во Северна Митровица.
На 21 октомври, претставниците на западните земји и на Европската унија (ЕУ) на Косово и Србија им презентираа нацрт-статут за формирање на Заедницата, по што двете страни рекоа дека тоа е „прифатливо“.
Радио Слободна Европа имаше увид во нацрт-статутот, за кој извори од Брисел потврдија дека е еден од последните нацрт-закони, кој може да биде предмет на мали измени.