Политичката поларизација и блокирањето на Парламентот, кој го има успорено реформскиот процес на државата, според министерот за надворешни работи Бујар Османи се главните забелешки во Извештајот на Европската комисија. Како виновник за тоа ја посочи опозицијата, која, како што рече на денешната прес-конференција, ја блокирала работата на Парламентот во донесувањето законски и реформски решенија.
– Јасно во Извештајот вели дека политичката поларизација, блокирањето на Парламентот оневозможило да се донесат голем број законски и реформски решенија, кои би ги адресирале слабостите кои евентуално ги констатирала ЕК и тоа навистина е сериозна порака до сите полтичките партии. Тоа не е само до Владата туку и до оние од опозицијата кои го блокираат со години парламентот, само заради некои ситен партиско политички и дневен интерес и не дозволуваат да се донесат важни законски решенија. Но, се разбира и евентуални слабости, кои може да се дектектираат во судството или во другите институции, истакна Османи одговарајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата со заменик-помошникот генерален секретар за политички прашања и безбедносна политика на НАТО и специјален претставник на Генералниот секретар на НАТО за Кавказ и Централна Азија, Хавиер Коломина.
Единствен начин, нагласи, за секој од нас е да се бориме да ги отвориме поглавјата, бидејќи нема подобра борба против корупцијата, освен отварање на поглавјата 23 и 24. Секој што спречува отварање на 23 и 24, ја спречува борбата против корупцијата.
Според него, битна е причината која довела до таков извештај споредувајќи го со медицински термини.
– Битно е причината. Во една каузална терапија го лекувате проблемот, а не симптомот. Ова што гледаме како детектирани слабости се симптоми на една причина, а причината е политичката поларизација, односно обидот да се стават партиските над државните интереси, посочи Османи.
Според него, политичари кои што велат дека сакаат да се борат против корупцијата, но не сакаат да се отвори поглавјето 23 и 24, се контрадикторни, иронични и им се смеат на граѓаните в лице.
-Иронија е да се повикувате на борба против корупцијата, а да го блокирате отварањето на поглавјето 23 и 24, кое во суштина е борба против корупцијата. Едноставно отварање на сите рефрлектори, инструменти на ЕУ за борба против корупцијата, додаде Османи.