Пензионери од цела држава денеска одржаа протест во Скопје, кој почна пред Американската амбасада и заврши пред Владата, барајќи повторно линеарно зголемување на изност на пензите и други мерки за подобрување на нивниот стандард. Тие велат дека по три месеци протестирање по сите градови во државата, како и во Скопје, не добиле никакви резултати и известувања од Владата.

Ние пензионерите не сме социјалци, Играта со зборови да ја надминете, погледнете во реалната слика на живот,  НЕ за 5,3 проценти, само линеарно зголемување на сите пензии, беа дел од пораките на транспарентите на протестот.

Тие бараат 5000 денари линеарно покачување на пензиите; минималната пензија да изнесува 18000 денари; да се промени Законот за пензиско и инвалидско осигурување и жените постари од 62 години и мажите постари од 64 да имаат бесплатно лекување, односно да не плаќаат партиципација.

– Нашите барања во однос на претходниот протест не се променети. Иако тогаш министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, кажа дека за седум дена ќе ни одговори што се договориле, после 27 дена уште немаме никаков одговор, Драган Угриновски, во изјава за МИА.

Како што истакна тој, доставено е писмено барање до премиерот Димитар Ковачевски за прием, а на петти октомври доставиле и барање за средба до претседателот на државата, Стево Пендаровски, но и од него не добиле одговор.

Доколку не се најде решение, пензионерите најавија протести со глад пред Влада.

-Доколку не наидеме на разбирање од власта и министерствата ќе се состане координативното тело со претставници од сите градови и ќе се договориме што понатаму, истакна претседателот на Иницијативниот одбор на пензионери.