Трошоците на животот во октомври 2023 година, во однос на истиот месец лани, се зголемени за 3,5%, а цените на мало за 3,4 %. Во споредба, пак, со септември годинава, трошоците на животот бележат намалување од 1,5, а цените на мало од 0,6%, соопшти Државниот завод за статистика.

Намалување на индексите на трошоците на животот во октомври 2023 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај млекото за 10,1%, јајцата за 9%, свежиот и разладениот зеленчук, освен компирите и другите коренести плодови за 8,6 %, минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук за 6,4 %, свежото и разладеното овошје за 5,2%, пивото за 4,3%, сирењето и урдата за 4,1%, месото за 3,4%, лебот и житата за 3,3% и маслото и маснотиите за 0,9%.

Исто така, намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај велосипедите за 1,8%, услугите за сместување за 1,1%, цврстите горива за домаќинствата за 1%, игрите, играчките и хобијата за 0,9%, опремата за спорт, кампирање и рекреација на отворено за 0,7%…

Пораст на индексите на трошоците на животот во октомври 2023 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 2,4%, прехранбените производи неспоменати на друго место за 1,8%, жестоките пијалаци за 1,4 %, рибата и морските плодови за 1,2%, виното за 1%, кафето, чајот и какаото за 0,4%.

Во октомври, исто така, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај електричните апарати за лична хигиена за 9,5%, воздухопловниот патнички транспорт за 5,2%, ветеринарните и другите услуги за домашните миленици за 4.7 %, гасот за домаќинствата за 3,9%, градините, растенијата и цвеќињата за 2,6%, домашните миленици и сродните производи за 2,2 %, туристичките аранжмани за 2%, домашните услуги и услугите за домаќинствата, резервните делови и приборот за сопствените превозни средства за 1,9%, мотоциклите за 1,7% итн.