„Од врата на врата“ е насловена акцијата што се спроведува во Кавадарци, во рамки на кампањата со цел поголем опфат од вакцинација кај децата.

Како што информираа попладнево од Општа болница Кавадарци, проектот што започна во ноември се реализира од Министерството за здравство, финансиран е од ЕУ, а поддржан од СЗО.

– Целта е да се вакцинираат деца кои од разни причини не се вакцинирани, согласно календарот за имунизација. Се посетуваат нивните домови и се врши вакцинација. Целна група се децата од претшколска и школска возраст, кои од најразлични причини не можеле да дојдат и да се вакцинираат редовно. Целта на акцијата е да се подигне свеста за потребата од редовна вакцинација и да им укажеме дека вакцинацијата во светски рамки  е единствена превентивна мерка за болести за кои не постои лек. Да се врати довербата, нагласија од Болницата, укажувајќи дека акцијата ќе трае цел месец.

– Почнавме и веќе е забележан успех. Целта е да не се вратат болести, кои се искоренети. Вакцинацијата е безбедна и ефективна. Апелираме до родителите да нема дилеми и да ги вакцинираат децата за да ги заштитат од болести, рекоа од Болницата.