Американскиот претседател Џо Бајден повика на „пауза“ во конфликтот меѓу Израел и Хамас во Газа, за да се дозволи ослободување на заложниците.
„Мислам дека ни треба пауза. Паузата значи да се даде време да се извлечат затворениците“, рече Бајден, пренесува „Гардијан“.
Од Белата куќа подоцна дадоа појаснување оти Бајден мислел на заложниците кои ги држел Хамас од неговиот напад на Израел на 7 октомври, во кој беа убиени 1 400 луѓе, а повеќе од 200 беа земени како заложници.
Претходно, од Белата куќа соопштија дека поддржуваат „хуманитарна пауза“ за да се дозволи испорака на помош во Газа и ослободување на заложниците. Бајден ја даде својата поддршка за Израел, но тој го смени својот одговор во последните недели бидејќи хуманитарната ситуација се влошува во Газа и се зголемува бројот на цивилни жртви.
Претседателот се соочи со засилен притисок од групи за човекови права, од колегите светски лидери, па дури и либерални членови на неговата Демократска партија, кои велат дека израелското бомбардирање на Газа е колективна казна и дека е време за прекин на огнот.