Претседателката на Европската комисија, Урсула Фон Дер Лајен и германскиот канцелар Олаф Шолц на заедничката прес-конференција со премиерот Еди Рама го осудија нападот во Бањска, Косово.

На новинарско прашање дали ќе има санкции од ЕУ против Србија во врска со нападот, Лајен рече дека треба да се почека истрагата.

– Мора да има целосна истрага за да можеме потоа да заземеме став. Ги чекаме податоците од истрагата и подоцна ќе одлучиме, изјави Фон дер Лајен.

Канцеларот Шолц рече дека го осудува нападот на северот на Косово и убиството на полицаецот Африм Буњаку.

– Да го осудуваме нападот врз полицијата на северот на Косово. Ова е нешто што нема да го прифатиме под никакви околности. Германија е многу јасна за оваа позиција. Но, треба да има целосна истрага што треба да ја направат косовските власти и важно е српските власти да соработуваат на овој план. Ние многу добро ја разбираме ситуацијата во Западен Балкан и добро знаеме дека таа ќе се зачува со гледање во иднината, а не кон минатото, рече тој.

Нагласи дека „сите проблеми мора да се решат пред да бидете дел од ЕУ“.

– Не можете да се интегрирате во ЕУ земајќи ги со себе проблемите што ги имате овде, ние ги цениме преземените реформи и другите аспекти, но ова е мојот одговор за ситуацијата на Косово со Србија. Во однос на интеграциите, за нас се важни денешните договори што беа потпишани меѓу земјите. Мора еднаш засекогаш да го решиме конфликтот меѓу Косово и Србија, порача Шолц.