Со почит за загинатите борци и дејци, бројни делегации денеска се поклонија пред Могилата на непобедените каде се моштите на 462-ца загинати борци и пред спомениците на Методија Андонов Ченто, првиот претседател на президиумот на АСНОМ и пред споменикот на Кузман Јосифоски-Питу, идеологот на народната Револуција. На празникот 11 Октомври, Денот на народното востание, чествувањето беше за почитта кон борците.

Народноослободителната борба резултираше со создавање македонска држава и затоа влогот на борците е голем. Саможртвата на борците не е само симболичен чин, туку и автентично сведоштво на македонскиот народ да се истрае на балканската ветрометина и да се победи фашистичкото зло, порачаа од Сојузот на борците и поддржувачите на револуционерните традиции.

-Без минато нема иднина. Мораме да ги почитуваме борците, мораме да ја почитуваме борбата, мораме да го почтуваме влогот кој го дале тие за самостојна, независна Република Македонија. Само така ќе одиме кон европскиот пат на Македонија, изјави Рубин Белчески, претседател на Сојузот на борци од Прилеп.

Со високи почести, владина делегација предводена од вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, положи цвеќе на спомениците на народните херои во Прилеп.

Според  Битиќи, делото на востаниците од 11 октомври недвосмислено го посочи патот по кој треба да се движи нашата државност- патот на европските демократии, на демократските вредности.

-Засекогаш останува долгот за достојно сеќавање и одбележување на овој голем ден. За сите нас: за Македонците, за Албанците, Турците, Власите, Србите, Бошњаците, Ромите и сите други, секогаш да бидеме обединети во негување на нашето праведно општество. Темелите ги имаат поставено нашите предци. На денот на востанието тие се бореле за демократски вредности. Тоа е пораката која ние треба само да ја продолжиме. Мораме секојдневно да се бориме за европска Македонија со демократски вредности во неа, изјави Битиќи.

Дел од владината делегација беа и заменик министерката за здравство, Маја Манолева и заменик министерот за образование и наука, Агим Нухиу.

Прилеп има голем влог во победоносното востание. Тоа е обврска да  го гради развојот, но и да ги воспитува новите генерации да создаваат во Татковината.

-Прилеп е горд на влогот во народноослободителното востание. Ние имаме иста и заедничка цел: Да го чуваме и да го негуваме ова општество, да живееме во мир и заедништво и да градиме просперитетен и успешен град каде младите ќе ги почитуваат националните вредности и ќе творат во својата држава.

Во народноослободителната борба прилеп дал 650 борци и има 15 народни херои.