Во Националниот парк Маврово, но и на други подрачја на државата е забележано зголемено присуство на кафеава мечка, соопшти денеска директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов на денешната прес-конференција.

Според проценката што ја дава Општина Маврово и Ростуше, Ангелов вели дека на територијата на националниот парк има од 160 до 180 мечки, а според одредени норми од стручни лица бројот на мечки би требало да биде 70. На територијата на државата има значително повеќе, неофицијално повеќе од 500 мечки.

Општината Маврово и Ростуше одржала неколку средби со месните заедници, МВР, како и со претставници на Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство, и претставници на Министерството за животна средина, каде донеле одлука да поднесат барање за прогласување кризна состојба во рамките на територијата на Општина Маврово и Ростуше.

Ова е нова ситуација за ЦУК, вели Ангелов, до сега како институција немале вакво барање. Од тие причини за в понеделник свикана е седница на групата за процена, каде ќе се разгледа состојбата и ќе се процени дали се исполнети законските услови за прогласување кризна состојба, што ќе овозможи одредени механизми кои што сега според тврдењата на општината ги немаат на располагање.

-Во понеделник групата за процена ќе се произнесе, доколку заклучиме дека се исполнети условите за прогласување на кризна состојба на ова подрачје, истото ќе го предложиме на управувачкиот комитет, а потоа Владата е таа која што треба да одлучи што ќе се случи понатаму. Во нашата работа ќе вклучиме и активисти на Здружение за заштита на животните. Наша цел не е отстрел на овие животни. Ги сакаме мечките, но повеќе ги сакаме луѓето, дециден беше Ангелов.

Кафеавата мечка кај нас е забранета за лов и спаѓа за строго заштитен вид уште од 1996 година, а тоа допринесува таа да се размножува вели Ангелов, потенцирајќи дека глобалното затоплување може да биде и една од главните причини, бидејќи последните топли години мечката не оди во таканаречениот зимски сон и е активна во текот на зимата.

-Овие кафеави мечки пред се претставуваат голема опасност по животот и здравјето на граѓаните, бидејќи се работи за живи села, каде што има мали деца и неколку основни училишта, каде што децата одат на училиште, притоа се движат сами. Вообичаено селските улици се многу тесни и при несакана средба со мечка, дури мечката и да нема намера да нападне, би претставувала огромна опасност за жителите. Во самото село во повеќе наврати мечки влегуваат во куќите да бараат храна, рече Ангелов на денешната прес-конференција во ЦУК.

Од Центарот за управување со кризи презентираа неколку видеа кои ги снимиле утринава, каде жители на с. Жировница сведочат за блиски средби со мечки. Најкарактеристичен е случајот на возрасна жена која живее сама, каде мечката се обидела да влезе на влезната врата во куќата.