Тоа се редовни средби со луѓе од партијата и од минатите, но и од сегашните раководства и тоа е пракса во изминатиов период, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во врска со средбата кој ја оствари со Гордана Јанкуловска. Според него, Јанкуловска е жртва на политички терор и тортура, кои, како што рече, се правени врз нејзиното семејство.

-Вчера беше ден кога таа доби заслужен викенд. Ќе ми биде чест и некој нареден викенд да имам средба. Сите оние жртви на тортура и политички реваншизам од страна на владата на СДСМ и ДУИ се добродојдени – рече Мицкоски.

Во однос на критиките за минатото и работата на Јанкуловска, тој настапи со критики за владечката гарнитура и за луѓето поврзани со неа.

-Исто многу работи слушевме во минатото и многу работи слушаме и денеска како на пример семејства на политичари кои се водечки во Владата, внуци, роднини и братучеди се возат со скапи возила. Купуваат локали во центарот, како ја пљачкосуваат Македонија, тоа е жалосно, а тоа што се случувало во минатото…, ВМРО ДПМНЕ е шеста година во опозиција.