Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, рече дека иднината на Западен Балкан и Украина е во Европската унија. За време на годишното обраќање за состојбата на Унијата пред европратениците во Стразбур, дер Лајен рече дека Унијата не може да ги остави сонародниците сами. Во август, на бледскиот форум, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, повика 2030 година да се постави како краен рок за прием на нови членки, а Европската унија и земјите-кандидатки да бидат подготвени за проширување.
„Иднината на Украина е во нашата Унија. Иднината на Западен Балкан е во ЕУ. Иднината на Молдавија е во ЕУ. И знам колку е важна европската перспектива за многу луѓе во Грузија. Европа одговара на историските повици. Историјата нѐ повикува да ја завршиме изградбата на нашиот сојуз. Во свет каде што некои се обидуваат да ги покорат земјите една по една, не можеме да ги оставиме нашите сограѓани Европејци сами. Во свет каде што големината и тежината се важни, проширувањето на нашата унија без сомнение е стратешки интерес на ЕУ“, рече Урсула Фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.