Дарко Каевски во својство на член, учествува на седницата на Комисијата за политички прашања и демократија на Парламентарното собрание на Совет на Европа, што се одржува на 11 и 12 септември во Париз.

Во дводневната работа, Комисијата ќе ги разгледа Предлог-извештаите за: Предизвиците на десничарската идеологија за демократијата и човековите права во Европа; Воспоставување статус на  “младински партнер” со Парламентарното собрание; Глобализацијата во време на кризи и војна: улогата на ОЕЦД од започнување на агресијата на Руската Федерација против Украина и Поддршка на европската перспектива на Западен Балкан.

Комисијата расправа и за меѓусебната врска меѓу Советот на Европа и Европската политичка заедница; Статутарното мислење за апликацијата за членство на Косово; за Ситуацијата во Иран, промовирањето на ревидираниот Кодекс за добра практика за референдуми; Повик за процес за национални политички реформи во Белорусија; за Потребата обновен, ефективен и инклузивен мултилатеризам, за постојни политички прашања: дестабилизацијата во Сахел регионот и последиците за Европа.

Членовите на Комисијата дискутираат и за назначување на известувачи и промени во составот на пот-комитетите, како и за времето и местото на следните состаноци.

При дискусијата за Предлог-извештајот за поддршка на европската перспектива на Западен Балкан, известувалот Џорџ Папандреу, рече дека проширувањето на ЕУ бара промена во самата ЕУ но и спремност за соодветни реформи во земјите-кандидати од Западен Балкан. Тој, исто така, ги спомна поединечно земјите од регионот и предизвиците со кои се соочуваат во однос на евроинтеграцијата.

Во рамките на дискусијата по оваа точка на дневниот ред, Каевски истакна дека Северна Македонија има стабилни институции што гарантираат демократија, владеење на правото, заштита на човековите права и почитување на сите културни и етнички малцинства.

Тој наведе дека нашата држава има донесено сериозни и тешки одлуки, чија политичка цена е огромна, како што е промената на името, бидејќи сме определени за евроинтеграцискиот пат и обезбедување подобар живот за сите.

Пратеникот Каевски се осврна на нашето зачленување во НАТО, со што докажавме дека сме способни за поддршка и соработка со нашите сојузници и да се спротивставиме на руското негативно влијание.

Каевски ги информираше присутните со тековниот процес за промена на Уставот, подвлекувајќи дека продолжувањето на преговорите со Северна Македонија ќе биде силен, позитивен сигнал за целиот регион и мотивација за решавање на тешките прашања низ мирен дијалог и појака соработка.

На крајот, тој ги покани сите да дојдат во Скопје и да учествуваат во Конференцијата за Поддршка на перспективата на Западен Балкан, што ќе се одржи на 20 октомври ова година, во коорганизација на ПССЕ и нашето Собрание.