Без свечено отворање и без традиционалниот говор на премиерот поради поплавите во централна Грција, денеска во Солун започнува 87-от Меѓународен саем, на кој ќе учествуваат 18 земји, а оваа година почесна земја е Бугарија , јави дописничката на МИА од Атина.
Меѓународниот саем во Солун се одржува традиционално секоја година во септември и е домаќин на странски изложувачи, учество на земји од целиот свет, странски и домашни политичари и слично, а официјалното отворање е со говор на премиерот на Грција, кој ја соопштува владината програма и следните планови, меѓутоа, оваа година поради катастрофалните поплави, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис ги одложи обраќањето и прес- конференцијата.
Оваа година на саемот учествуваат 1.500 изложувачи, како од домаќинот Грција и почесната земја Бугарија, така и од 18 земји: Кипар, Бангладеш, Виетнам, Индонезија, Уругвај, Украина, Иран, Италија, Полска, Ерменија, Франција, Србија, Индија, Непал, додека пак за Јужна Кореа, Молдавија и Тајланд е прво учество.
Меѓународниот саем ќе трае до 17 септември, а кон средината на следната недела се очекува да се одржат закажаниот говор на грчкиот премиер и традиционалната прес-конференција