Ние во моментов се соочуваме со блокада на државата од внатре. Ако досега сме имале блокади од надвор, сега за првпат имаме блокада која што е од внатре. Не смее нашата опозиција да остане коалиција на изолационизам како што беше досега и сметам дека имаме доволно време пред нас да го сменат своето мислење и за првпат во историјата на државата да поддржат одлука за интеграција на Северна Македонија, изјави премиерот Димитар Ковачевски.

Дебатата со оглед на сериозноста на прашањата, според Ковачевски, ќе оди толку колку што е потребно за да се донесе одлука којашто ќе значи напредок на Северна Македонија во европските интеграции.

–  Кога би била лесна одлука, тогаш веројатно и помалку време би било посветено како што има прашања на коишто се посветува помалку време. Меѓутоа, кога се работи за стратешка одлука која има генерациско влијание врз државата тогаш треба секој добро да размисли, добро да се разговара и на крајот да се донесе вистинската одлука, рече Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања по денешната посета на Регионалниот центар за стручно образование и обука „Киро Бурназ“ во Куманово.

Затоа, нагласи Ковачевски, треба добро да размислат за својата политика да ја конципираат кон интеграција на државата во ЕУ, а не кон изолација која што ја гледавме 11 години.

– Денес интересот на Северна Македонија како ретко кога се поклопува целосно со интересот и на Соединетите Американски Држави искажан од нивна страна и со интересот на Европската Унија, каде после многу години претседателот на Европскиот совет даде конкретна временска одредница за следното проширување на ЕУ, а тоа е 2030 година. И затоа кога и тие ќе кажат и јас со тоа комплетно се согласувам сега зависи од нас. Кои се тие кои сакаат да ја видат државата интегрирана во ЕУ, а гледаме што значи ЕУ. Погледнете го ова училиште, ова е финансирано од ЕУ, а кои се тие кои сакаат државата да ја држат во изолација. Сметам дека опозицијата треба да размисли добро и да го поддржи тој процес на европска интеграција на државата, изјави Ковачевски.