Изгаснат е пожарот меѓу Богданци и Дојран, кој избувна денеска напладне на планината Карабалија, во атарот на селото Селемли, во близина на границата со Грција.

Според директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, кој е на местото на пожарот, повеќе нема знаци на горење.

-Во текот на ноќта претставник на Дирекцијата за заштита и спасување (ДСЗ), како и локален тим пожарникари ќе останат на местото на пожарот да внимаваат да не дојде до повторно палење, вели Ангелов во видео изјава снимена на местото на пожарот.

Според него, доколку утре се случи повторно разгорување на огнот, два авиони „Ер трактор“ се подготвени да дејствуваат.

Пожарот го гаснеа авиони и пожарникари од Гевгелија и Дојран повеќе од осум часови, а според првичните информации изгоре нискостеблеста и квалитетна шума.