Ако ги донесеме одлуките во Собранието, Северна Македонија ќе биде првата земја од Западен Балкан која ќе стане членка на ЕУ во 2030 година, изјави премиерот Димитар Ковачевски.
Тој на гостувањето на „Вести плус“ на Канал 5 телевизија, истакна дека она што го кажа претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел на Бледскиот стратешки форум и денешната изјава на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји покажува дека Европа влегува во процес на реформи заради проширувањето и потребата самата Унија да се подготви за нови членки.
-Јасни се пораките дека за прв пат после многу години, ЕУ е подготвена за проширување и прием на нови членки до 2030 година. Тоа се поклопува со нашата цел и она на што го работи Владата. Ако ги донесеме потребните одлуки во Собранието, во 2030 година ќе бидеме првата земја од Западен Балкан којашто ќе стане членка на ЕУ, рече премиерот Ковачевски.
Коментирајќи ја изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон за „Европа со повеќе брзини“, премиерот потсети дека прв пат оваа формулација ја употребил францускиот претседател Франсоа Митеран на заедничка прес-конеференција со германскиот канцелар Хелмут Кол во 1994 година на која посочил дека постојат држави кои нема да сакаат да се откажат од своите домашни валути и нема да го воведат еврото. И тоа и се случи, вели Ковачевски, посочувајќи дека некои земји членки се приклучиле комплетно, побрзо, некои станале дел од Шенген, а некои го вовеле и еврото. Истото се однесува и на земјите од Западен Балкан и како пример ги посочи Северна Македонија и Хрватска.
-Подобар пример од повеќе брзини не постои. Сега доколку не ги донесеме потребните одлуки тоа ќе значи дека и Црна Гора, Србија и Албанија ќе отидат пред нас и ние ќе останеме во друштво на Босна и Херцеговина и Косово. Дали ние сакаме да останеме во тоа друштво? Тоа се држави кои имаат се уште елементарни проблеми во своето функционирање. Јас не се согласувам нашата држава и нашите граѓани да бидеме во групата со Косово и со Босна и Херцеговина во евроинтеграциите, бидејќи во моментов ние сме пред сите држави во регионот, рече Ковачевски.
Според него, земјата била 11 години во изолација и во чекалната на ЕУ поради политиките на ВМРО-ДПМНЕ.
-Ние бевме 17 години во чекалната на ЕУ, благодарение на политиките кои што ги имаше владата на ДПМНЕ и 11 години во изолација. Ние го почнавме нашиот европски пат заедно со Хрватска. Денес Хрватска е земја членка на ЕУ, земја членка на Шенген и земја која го воведе еврото. А ние само минатата година ги започнавме преговорите. Неприфаќањето на носењето на одлуките денеска ќе значи токму тоа, спречување на напредокот на нашето општество, рече Ковачевски.
Осумдесет отсто од македонските граѓани, како што посочи, се за интеграција на државата во ЕУ и доколку не се донесат одлуките во Собранието, ќе биде спречен напредокот на земјата.
-Погледнете каде беше државата во 2016 година. Заробена држава, нарушени меѓуетнички односи внатре во државата, нарушени односи со соседните држави и ниту еден милиметар не мрднати во европските и во НАТО интеграциите. Владеење на право се виде какво било, комплетна политизација на сите институции. Слободата на медиумите, 140 место во светот, денеска сме 38 место во светот, владеење на демократија. Бевме окарактеризирани од сите како хибриден режим и како заробена држава. Денес ние имаме и економски стандард во споредба со тоа време. Во тоа време минималната плата беше 7.700 денари, денес е 21.000 денари. Пензиите скоро дупло, покачена минималната пензија, за 40% покачена просечната пензија. Неприфаќањето на носењето на одлуките денеска ќе значи токму тоа, спречување на напредокот на нашето општество, рече Ковачевски.
Коментирајќи ја посетата на американскиот заменик-помошник државен секретар Габриел Ескобар, премиерот рече дека таа била уште една цврста порака дека САД како стратешки партнер на Северна Македонија дава поддршка на уставните промени со цел членство на земјата во ЕУ.
-Она што остана како клучен заклучок од таа средба е дека САД цврсто стојат заедно со ЕУ на ставот дека стратешки интерес и нивни, и на ЕУ, и наш, каде што сите три интереси се поклопуваат е дека Северна Македонија треба да биде дел од ЕУ. Второ дека САД за свои партнери ги сметаат оние политички партии кои што работат за интеграција на државата во НАТО, и за интеграција на државата во ЕУ, и се борат против корупцијата и криминалот. Господинот Ескобар ниту дојде некому да прави притисок, ниту дојде да презентира некакви планови. Тој само дојде да каже дека нашиот прв и најважен политички партнер САД имаат исти интерес со нас, а тоа е Северна Македонија да биде дел од ЕУ, и не поттикна да ги донесеме потребните одлуки, рече Ковачевски.
Коментирајќи го барањето на опозицијата за избори, Ковачевски рече дека ВМРО-ДПМНЕ повторува само еден збор: избори и ништо не работи.
– ВМРО-ДПМНЕ денес ми наликува на некој нов вид на птица, би го нарекол ВМРО – папагал кој што повторува само еден збор: избори. Ако прашате колку е часот ќе ви кажат избори. Ако прашате имате ли план, ќе ви кажат избори. Имаа локални избори, после локалните избори поминаа две години и ниту еден проект нема. Едно време само повторуваа ќе имало бугаризација, ќе имало асимилација, сега веќе и тие аргументи ги нема затоа што аргументите пропаднаа после цела година од изгласувањето на преговарачката рамка каде што ние веќе го водиме процесот на преговори како Македонци со чист македонски јазик. Најново што измислија е бугарски диктат. Не е точно дека е бугарски диктат, уставните амандмани се подготвени од страна на македонски експерти во македонското Министерство за правда, рече Ковачевски.
Тој смета дека ВМРОП_ДПМНЕ треба прв пат во својата историја да се одважи и да поддржи стратешки процес за државата.
-Одлуката за продолжување на европскиот пат не е одлука за поддршка на Владата, туку за поддршка на евроинтеграциите, на она што го сакаат граѓаните – подобар животен стандард, подобро владеење на правото, подобра демократија, поголема социјална правда. Нашите граѓани се иселуваат во ЕУ, не се иселуваат таму каде што ги нема овие елементарни и основни фундаментални придобивки од ЕУ. Затоа државата треба да биде членка на ЕУ, рече премиерот Ковачевски.