Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 44-годишен државјанин на Република Албанија, осомничен за кривично дело „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“, а Основниот кривичен суд Скопје му определи притвор во траење од 8 дена.

Како што информира ОЈО, вчера на граничниот премин „Долно Блаце“, осомничениот физички нападнал полициски службеници кои вршеле проверка на патните исправи при влез во државава.

-Проверката на личните податоци во патната исправа на осомничениот покажала дека по лицето е распишана меѓународна потерница од Интерпол – Грција за сторени кривични дела „убиство, грабеж и кражби“. При спроведување, тој започнал да дава активен отпор и да се обидува да избега, удирајќи ги двајцата полициски службеници и нанесувајќи им телесни повреди. Двајцата полицајци го совладале и го привеле, соопшти ОЈО.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, имајќи предвид дека постои опасност тој да се даде во бегство, како и да го повтори делото. Предлогот беше прифатен и со решение на Основниот кривичен суд Скопје на осомничениот му е определен притвор во траење од 8 дена за делото кое се гони во скратена постапка.