Вклучување на лицата со атипичен развој во спортот беше повод за денешната средба на охридските маратонци со учесниците на пливачкиот камп „Inclusive Wellness Society“ што викендов во организација на спортското друштво „ИТК Македонија“ се одржува во Охрид.
Интенцијата на средбата беше да се мотивираат сите млади, особено оние со атипичен развој да се интегрираат и социјализираат преку спортот.
Со учесниците на кампот се сретнаа нашите пливачки маратонци Евгениј Поп Ацев и Александар Илиевски, се дружеа со нив, се фотографираа со нив, по што заедно се упатија кон стартот на Охридскиот пливачки маратон што денеска по 36 пат се плива во водите на Охридското Езеро.
-Добро сум запознаен со активностите и визија за развиток на спортот кај лицата со атипичен развој на ’ИТК Македонија’ и мотивацијата што ја шират во овие кругови. Очигледно е дека нивниот ангажман дава резултати и интересот за спорт кај оваа група на луѓе од ден на ден расте. Општеството отвора се поголеми можности за тие да го најдат своето место во заедницата. Го поздравувам Инклузивниот пливачки камп и сите останати активности во него и посакувам ова да стане традиција, рече Евгениј Поп Ацев, победникот на маратонот во Охрид во 2015 година.
Александар Илиевски ја истакна важноста на индивидуалниот влог за вклучување во спортски активности.
-Среќен сум кога поединци вложуваат труд и време во вакви активности кои ги уриваат социјалните бариерите. Секој еден заслужува да биде прифатен и да може без било какви опструкции да се бави со спорт и рекреација. Поздрав до целата екипа на ИТК Македонија и им посакувам уште многу вакви настани во иднина, рече Илиевски пред почетокот на Охридскиот пливачки маратон.
Инаку, „Inclusive Wellness Society“ е активност што до 28 овој месец се одржува во Љубаништа, како проект поддржан од „EU Civil Resilience Mechanism“ и од Европската Унија, што како партнер го спроведува Спортското друштво „ИТК Македонија“.
-Годинава во фокусот на Inclusive Wellness Society е четиридневниот Летен пливачки камп со инклузивен карактер кој има цел да ги интегрира и социјализира лицата со атипичен развој. Планирани се бројни спортско-рекреативни настани, но големо внимание и интерес и кај камперите привлече денешната дружба со маратонците. На некој начин има и симболика во она што ги приближува овие млади луѓе со маратонот, односно упорноста, истрајноста и вложениот труд наликува како и посветеноста на секој маратонец да издржи во долгата трка. Горд сум што нашите кампери се волни да се вложат во активностите кои ние како друштво треба да ги направиме подостапни за сите кои сакаат да живеат здрав и исполнет спортски живот, изјави Мартин Мојсовски од „ИТК Македонија“.
Покрај спортските активности здружението утре ќе одржи и трибина за покревање на свесноста за инклузијата на лицата со атипичен развој во спортот на кој ќе се отворат подлабоки дискусии и ќе се даде можност на многу луѓе да дадат свој придонес и мислење кон зацврстување на инклузијата во сите сфери на живеењето, со акцент на спортот.