Со мирен протестен марш низ градските улици, поголема група делчевски пензионери синоќа ја изразија солидарноста со пензионерите од останатите македонски градови, барајќи линеарно покачување на пензиите од 3500 денари. Меѓу останатите нивни барања нивниот претставник Васил Маневски го напомена и донесувањето на закон за минимална пензија од 20.000 денари.

-Ние се собравме да ја изразиме солидарноста со пензионерите од цела Македонија, без разлика на поединечните верски, партиски, политички и не знам какви други убедувања. Ние сме тука еднакви и имаме исти барања, а бараме и поддршка од раководството на нашиот огранок, на нашето здружение, за да се приклучат кон нашите барања, бидејки тие се од нас изберени и треба да ги застапуваат нашите интереси, рече Маневски.

Пензионерите како дел од барањата во заклучокот го посочија и предлогот за пензионерите над 75 години да се обезбеди бесплатен третман во болниците и обезбедување бесплатни лекарства во аптеките.

– Нашиот одбор и тоа барање ќе го вклопи за централниот протест на кој ги повикуваме сите пензионери со своето присуство да дадат значаен придонес во остварувањето на нашите цели. Исто така, бараме раководството да ни обезбеди превоз исто како што обезбедува превоз за други активности на здружението, додаде Маневски.

Мирниот протест на пензионерите кои носеа транспаренти со пораки за нивните барања  започна од пензионерскиот дом, продолжи по улиците во старата чаршија, а беа поздравени од дел од граѓаните кои се затекнаа на улиците за време на протестот.