„Откажете се од Соравија – не 20 проценти“, „Не се откажувајте од премиерот Албанец“ „Да за Европската унија, но како Албанци, а не како 20 проценти“. Со вакви транспаренти, младинскиот форум на движењето Беса протестираше пред седиштето на ДУИ во Мала Речица во Тетово, пренесува Алсат.
Повод за овој протест беше последната изјава на Али Ахмети и Артан Груби дека се откажуваат од се, само опозицијата да гласа за уставните измени. По неколкуминутниот протест пред седиштето на Демократската унија за интеграција, Младинскиот форум на Движењето БЕСА, ги постави транспарентите пред влезните врати на селијата, кои потоа беа отстранети од обезбедувањето на ДУИ.
„Денес, ние младите од Движењето БЕСА, тука пред седиштето на ДУИ, ги повикуваме Али Ахмети и Артан Груби: Откажете се од „Соравија“, но не се откажувајте од албанскиот јазик, најстариот јазик во Европа кој е признат само од ДУИ како јазик на 20%. Не се откажувајте од првиот премиер Албанец бидејќи Албанците гласаа за ова ветување, туку откажете се од тендерите и вработувањето на роднини. Не се откажувајте од правата на поранешните војници на ОНА и нивните семејства, туку откажете се од луксузните автомобили што ги регистрирате како подарок од пријателите, како и од злоупотребата на службените автомобили. Не се откажувајте од правдата за политички мотивираните случаи и правдата која секој граѓанин во државата ја заслужува, туку откажете се од судовите и обвинителството. Не се откажувајте од основните права на албанските граѓани, туку откажете се од предавството и кражбата“, рече Рамазан Дини, Младински форум на Движењето БЕСА.