Училишните размени имаат значајно и повеќеслојно позитивно влијание врз образовниот систем. Тие овозможуваат размена на позитивни практики, знаења и искуства кои можат да бидат применети и адаптирани во различни образовни средини. Истовремено, им даваат можност на наставниците да учат едни од други, на училиштата да развиваат нови партнерства, а на учениците да се социјализираат, да запознаваат други народи и култури, да ја почитуваат различноста и да развиваат чувство на припадност кон поширока заедница.

Ова го посочи државниот секретар во Министерството за образование и наука, Елена Ивановска на претставувањето на училиштата кои годинава се дел од Шемата за размена на училишта од Западен Балкан – програма кофинансирана од Европската Унија и Германското Сојузно Министерство за економска соработка и развој (BMZ), а имплементирана од Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO) и Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ).

„Најважно е што преку ваквите искуства младите стекнуваат вредности и се градат како личности. Тие вредности не остануваат само во училницата или во училиштето. Учениците ги носат дома, ги пренесуваат во своите семејства и заедници и на тој начин придонесуваат кон развој и градење поотворено и посолидарно општество. Иницијативата „Суперучилишта“ е одлична. Нашите училишта добиваат можност да воспостават партнерства со училишта од други земји, а особено ме радува што преку новиот повик се настојува тие партнерства да не завршат со реализацијата на еден проект, туку да прераснат во трајни релации и континуирана соработка меѓу образовните установи, наставниците и учениците“, рече Ивановска.

Државниот секретар нагласи дека регионот на Западен Балкан, и покрај бројните заеднички историски, културни и општествени сличности, во изминатите децении помина низ процеси кои оставија последици врз меѓусебната доверба и соработката. Затоа, денес повеќе од кога било се потребни иницијативи што ги поврзуваат луѓето, ги надминуваат предрасудите и создаваат нови мостови на соработка.

„Токму образованието и младите се најдобрата почетна точка за тоа. Преку отворање на образовните системи, размена на искуства и заеднички активности, создаваме услови за подобро меѓусебно разбирање и за регион во кој соработката, а не поделбите, ќе биде наша заедничка определба“, додаде Ивановска, упатувајќи благодарност до имплементаторите и поддржувачите на програмата за искажаната одговорност кон младите и нивната иднина.

Денес беа претставени вкупно 52 училишта од регионот што преку петтиот отворен повик за вмрежување во рамки на програмата „Суперучилишта“ ќе продолжат да ги развиваат веќе воспоставените партнерства преку претходни повици. Од нив, 10 училишта се од Македонија – СОУ „Ѓорче Петров“ и СОУ „Орде Чопела“ од Прилеп, ОСЕУ „8 Септември“ – Тетово, СУГС Гимназија „Јосип Броз Тито“ – Скопје, СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани, СОУ „Маврово – Ростуше“ – Маврово – Ростуше, ОСМУ „Др. Јован Калаузи“ – Битола, РЦСОО „Киро Бурназ“ – Куманово, РЦСОО „Ванчо Питошески“ – Охрид и СОУ „Јосиф Јосифовски“ – Гевгелија.