Во август на небото ќе се појават две „супермесечини“, што е мошне ретко.
Втората „супермесечина“ во ист календарски месец претставува редок феномен познат како „сина месечина“, пишува „Скај њуз“.
Првата „супермесечина“ ќе се појави ноќта меѓу 31 јули и 1 август, а втората 30 дена подоцна.
Првата Месечина ќе биде на оддалеченост од 357.530 километри од Земјата, а втората ќе биде уште поблиску, на 357.344 километри.
Последен пат две „супермесечини“ се појавија во ист месец во 2018 година, а следниот таков феномен нема да се случи пред 2037 година, тврдат астрономите.
Феноменот „супермесечина“ се јавува кога полната месечина е блиску до својата најблиска точка до Земјата, па изгледа и до 14 проценти поголема и 30 проценти посветла во споредба со нејзините најоддалечени точки. Покрај тоа, Меркур и Марс ќе бидат видливи на небото на 1 август, наведува порталот.