Пишува: ЈАНЕ ЃОРЃИОСКИ

Велат ние сме имале три власти: законодавна, извршна и судска.

За првиве две сме си раскажувале секакви приказни, но третава е од оние кои сум ги корнел од дерење – Нема правда, нема мир!, до исцрпување.

Ама ајде, со ред.

Според Законот за судови во Македонија постојат 27 судови на прва инстанца, четири апелациони судови и Врховен Суд. Покрај тоа, има и Уставен суд чии судии се избираат од страна на Собранието.

Книгите велат дека судовите се автономни и независни. Исто така книгите велат дека судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

Други пак писанија велат дека довербата на граѓаните во македонското судство е едноцифрена.

Зошто е најмизерна довербата во судската власт, никој салам не знае да одговори, зашто, нели, никој не смее да се меша во работата на судската власт.

Каков замајувачки апсурд е тоа „никој не смее да се меша во работата на судската власт“.

Да, се согласувам дека не смее да има мешање во некоја нормална и функционална судска власт, но ви се молам, не и во криминална.

Тоа чудо едно како фино-лепо им легнува таа фраза за успешно одбегнување на заебани прашања околу судството.

Се изнаслушавме: Политичарите не смееле да се мешаат во работата на судската власт…

Ако побарате одговор од Владата, или министер, да толкува конкретна судска одлука ќе ви речат дека – не смеат да се мешаат во судската власт.

Ако прашате некој судија дали смеат новинарите да критикуваат донесени пресуди, неодржани рочишта, или зошто намерно застаруваат предмети, тогаш тешко вас. Ерес е тоа! Нејзиното височество судската власт не смее да се чепне.

Странските амбасади, велат сите, да не се мешаат во внатрешните работи на државата, а ваму се испотепавме америчка амбасада да објави црни списоци и да ни ја среди судската власт.

Сегашнава опозиција, ич да не ја спомнувам (да не се поганам претпразнично), зашто видовме како се справи со судската власт – Ждрагао со саторот. По наредба од Грујо со тефтерчето на Горде, контролирано од Зврле и Мијалков. Тоа монструозно здружение го креираше мозаикот од сваровски судии и го исплетија лавиринти на кој не само што не може да му го видиме крајот, ами толку не исплеткаа што не можеме ни на почеток да се вратиме.

Ако не смеат најповиканите политичари, со креирање политики, создавање атмосфера, носење на закони… тогаш кој побогу?! Кој смее да се меша во работата на судската власт, е прашањето што нормален човек си го поставува?

Заев се обиде да закова шајка во трулиот судски ѕид. „Судиите кои чуваат пресуди и предмети по фиоки спасувајќи криминалци, треба да одговараат“, рече Заев пред присутните на „Маршот за правда“ под мотото „Чекориме за правда“.

Ете зошто бившиот премиер, тогаш од позиција на премиер повика на таков марш, одма после донесувањето на Законот за Јавно обвинителство во февруари 2020 година.

Ама ние не го препознавме повикот, туку напротив. Смешка било да се протестира од позиција на власт за друга власт, па макар таа и не функционирала, и јас бев убеден дека потегот на премиерот е погрешен.

Се сеќавам, ќе го бесевме Заев, го распнувавме.

Ми текнува и како тврдо инсистирав и Џабир да не се качува на бината како еден од говорниците, оти ќе го етикетираат.

А ваму, бараме да се решаваат работите и замисли чудо, тие сами од себе не се решаваат. Уште помалку не ги решава судската власт

Законот за јавно обвинителство се сеќавате се донесе на мускули со триста подметнувања и уценувања од Мицкоски и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ. Ама сепак бидна, и тоа не е мал чекор, мора да се признае.

Арно ама остана онаа главна грдосија „независните судови и судии“.

Веќе банално е да се потсетува на судењата и застарувањата на предметите за Мијалков, и како напнува (и успева) сваровски судската ергела мецената им да не заврши на робија колку што му следува.

Погледнете што приредува Апелација со укинувањето на пресудата за „Организаторите на 27 април“ и враќањето на предметот на повторно судење и ќе почне да ви се избиструваат работите со каков правно-криминален монструм всушност си имаме работа, и какви се тенденциите – каде сакаат да нè вратат.

Сите овие прашања ги актуелизира и оваа најнова судска калакурница околу разрешувањето на претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева.

На тој што му е јасно зошто Дамева е разрешена нека крене два прста и нека молчи, оти нели, никој не смее да се меша во судската власт, освен судската власт.

А, која е судската власт? Кој ги бира судиите?

Знаеме дека Врховниот суд  е највисокиот суд во републиката и обезбедува униформност во имплементацијата на законите од страна на судовите, ама (пази сега ваму) Судскиот совет да ти бил органот кој ја контролира судската власт и ја обезбедува и гарантира самостојноста и независноста на судската власт.

Зошто е целата тепачка околу Судскиот совет?

Според писанието, Судскиот совет е надлежен: да ги избира и разрешува судиите; да ги избира и разрешува претседателите на судовите; да ги интервјуира кандидатите за сите судови; да утврдува престанок на судиската функција; да избира и разрешува судии поротници; да ја следи и оценува работата на судиите; да одлучува за дисциплинска одговорност на судиите.

Во што брцнала Дамева, што мора да ја шутнат па било тоа разрешување и незаконско?

За каква превласт овде станува збор и кои се овие луѓе што си поигруваат со судбината на државата штитејќи нечии лични интереси.

Овие ли се, драги мои, тие судии што смеат да се мешаат во работата на судската власт, а никој друг не смее?

Каква е оваа гротеска?

Ма, Ветинг!

Превземено од Фронтлине.мк