Иако денеска стапи во сила одлуката за замрзнување на цените на овошјето и зеленчукот, оваа мерка не ја почитуваат трговци. На првиот ден од задолжителното намалување на цените на 11 производи, на два од најголемите скопски пазари, некои тезги беа празни, а дел од трговците ги кријат и овие производи ги продаваа по стари цени. На тезгите ги немаше токму производите што треба да се продаваат по замрзнати цени. Никаде не видовме инспектори, но видовме кавги меѓу граѓаните и продавачите, јавува Алсат.

Гравот што вчера се продаваше за 180 денари, денеска мораше да се продава за 75, но исчезна од пазарите. Доматот тешко се наоѓа, а по замрзната цена се продаваа само скапани производи. За разлика од центарот, Бит Пазар беше целосно снабден, но сè се продаваше по високи, ненамалени цени. Доматите од 100 до 120 денари, а не за 70, краставиците за 100 денари, наместо за 75, пиперките по 200 за килограм, а лутите за 280. Трговците велат дека ги продаваат количините кои веќе ги купиле по високи цени од добавувачите.

Од денеска до крајот на април се замрзнати цените на 11 производи овошје и зеленчук. Тоа се доматите, краставиците, кромидот, карфиолот, пиперките, гравот, леќата, бананите, лимоните, портокалите и мандарините. Но, граѓаните се жалат дека не ги гледаат овие намалувања, бидејќи цените се тргнати, па секој наплатува како ќе му текне.

Во меѓувреме, во маркетите кои имаат обврска да даваат фискални сметки, се продава по замрзнатите цени. Но, се случува и нешто друго. Имено, оние производи за кои цените не се замрзнатите, се продаваат дури и поскапо. Од Пазарниот инспекторат велат дека работат со полн капацитет, но не кажаа колку контроли извршиле на пазарите.