Со извици „убиец“, „одговорност“ и „профитер на сметка на болните“, кардиохирургот Жан Митрев влезе на второто судско рочиште. Десетици граѓани тврдат дека загубиле своите блиски поради, како што рекоа, експерименти со методот на хемофилтрација при лекувањето од Ковид-19 во приватната клиника Жан Митрев.

Но и денешниот обид судењето да почне беше неуспешен. Одбраната тврдеше дека не успеа да ги разгледа сите документи за случајот бидејќи тие се во Апелација. Таму се одлучува дали имотот на клиниката ќе остане замрзнат или не. Членовите на семејството, пак, упорно бараат случајот што поскоро да добие епилог.

Според еден од адвокатите на оштетените, секое одложување на рочиштето ја зголемува болката на луѓето кои изгубиле роднини.

Дури и обвинителката Искра Хаџи Василева побара судењето да се одвива во разумен рок. Но, адвокатите на Жан Митрев апелираа судијата да го брани обвинетиот бидејќи, според нив, врз него се врши притисок и се нарушува принципот на презумпција на невиност.

„Денешното рочиште и условите во кои се одвива покажува дека против д-р Жан Митрев и Клиниката Жан Митрев се води инструиран процес и организирана хајка за неосновано обвинение. Присуството на луѓе со транспаренти на денот на рочиштето, говори дека сѐ поврзано со овој процес е претходно организирано и се води според нечија агенда“ , наведуваат од приватната клиника, „Жан Митрев“.

Досега ниту едно рочиште за случајот не заврши успешно. Потсетуваме дека во јануари обвинителството поднесе обвинителен акт и против Митрев и против болницата. Тој се товари за кривично дело „измама“ за што е предвидена затворска казна од 1 до 10 години.

Сè започна по новинарската истрага на новинарската организација Истражувачка репортерска лабораторија, ИРЛ, која покажа дека приватната болница која примила многу пациенти за време на пандемијата Ковид-19 и каде лекувањето чинеше десетици илјади евра, се спроведувал методот на хемофилтрација. Но, во тоа време таа била клиничка студија. Овие студии, според обвинителството, спротивно на законот не беа презентирани и одобрени од домашната агенција за лекови МАЛМЕД.