Пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА

Оставам на читателките и читателите да оценат самите, кои се политичките партии за кои се пишува овде. Во оваа прилика изоставив имиња, да не ме тужи уште некој претседател на партија.

Повелете…

Поимите што ќе ги напишам во следниот параграф се толку оштетени од пропагандата (знаеме која) изминативе години, што на луѓето им служат повеќе како потсетник да се напијат апче за болки во дигестивниот тракт, отколку за било што друго. Причините за тоа се јасни и широко елаборирани во моите текстови во минатото, а и во иднината (не грижете се, драги тужители, нема да се ослободите од мене, дури и по цена да ме убиете). Но мора да се напишат и да се повторат повеќе пати, за да не се заборави каде плови овој брод.

Затоа…

Крајно време е сите политички партии во земјава да преземат подеднаква одговорност во евроинтеграциските процеси. Тоа не подразбира само законито и транспарентно дејствување, туку и целосна одговорност и доследност во исполнувањето на националните стратешки цели и одговорност пред демократската јавност.

Ете, тоа е тој параграф, читателки и читатели. Прочитајте го, ако не ве мрзи и ако не ви предизвикува смртоносна доза здодевност или потсетување на трауми, поранешни, сегашни и идни.

Но, да видиме…

Каков е распоредот на политичката мапа? Имаме политички партии налик на минимаркети – за трговија на ситно – некое директорче овде, управно одборче таму, си живеат еден живот. И секогаш кога е тоа потребно, му го забијат ножот в грб на својот поголем коалициски партнер од кого ги цицаат парите, позициите и другите облици на вистинска или сурогатна моќ.

Во пресрет на изборите, желни да освојат внимание, довчерашни здруженија и разни „братства“ стануваат партии. Во оваа категорија спаѓаат и неколку поскромни политички партии на кои им е туѓ популизмот и гребењето за позиции, туку се занимаваат со своите програми. Ретки се, но ги има.

Дел од поголемите политички партии и на оние што тоа сакаат да бидат, а не им успева – личат на вистински картели или парамилитарни организации. Интересот и кај едните и кај другите е тесен, партиски, а ако сакаме да бидеме уште попрецизни – партиите им служат само на неколкумина, обединети околу сјајот на парите и моќта.

Останува мал број политички партии кои одговорно и посветено (се разбира, придружено со помали или поголеми, измислени или конкретни скандали од најразличен вид) ја туркаат европската агенда на државата.

Мислам дека е крајно време некој таму да каже стоп, да им помогне на партиите да созреат и да преземат одговорност, ако не за мрачното (често и гротескно) минато, тогаш барем за иднината. Да видам, некој веќе крева рака? Не? Ах!

Убеден сум дека во секоја политичка партија има чесни, способни и одважни луѓе. Треба да ги охрабриме да преземат одговорност пред иднината. Минатото (полека но сигурно) тоне во заборав. Повеќето од оние што имаа некакви проблеми со правдата или со јавноста – се ослободени, амнестирани.

Да, да, добро прочитавте. Амнестирани и од јавноста чие мислење го креираат корумпирани медиуми. Затоа, теренот е чист, иднината чека на сите нас. Да ги искористиме овие критични години за да појдеме кон неа, а не да се враќаме во минатото.

ПС. Не изоставив имиња затоа што се плашам од тужби (или убиство). Некогаш и јас сакам да напишам текст во кој не ги впишувам имињата од кои и јас имам проблеми со дигестивниот тракт.

Превземено од  Цивил Медиа