Беа потребни речиси шест месеци, осум посети на европски дипломати во Белград и десет посети на Приштина за единаесетте точки од договорот за односи меѓу Србија и Косово да бидат договорени и откриени во јавноста – но не и потпишани.
Европскиот комесар за надворешна политика, Жозеп Борел, по завршувањето на бриселската рунда преговори меѓу Србија и Косово објави дека претседателот Александар Вучиќ и премиерот Албин Курти се согласиле дека натамошните дискусии за текстот на предлогот на ЕУ за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина не се неопходни.
Договорениот текст на договорот, за кој тајно се преговараше речиси половина година, потоа конечно беше објавен.
Но, во тој лист и натаму недостасува најважното – потписите на лидерите на Србија и Косово.
Следната средба меѓу Вучиќ и Курти ја најави претседателот на Србија: кога европскиот посредник Жозеп Борел ќе ја посети Северна Македонија на 18 март, тој ќе посвети дел од своето време на лидерите на Србија и Косово.
Што пишува во предлогот за европски договор?
Во првите пет реченици од преамбулата (воведниот дел) на договорот е наведено дека двете страни договорот го склучуваат поради одговорност во зачувување на мирот, посветеност на регионалната и европската соработка, како и надминување на наследството од минатото.
Во воведот се зборува и за свеста на двете страни дека неповредливоста на границите, почитувањето на територијалниот интегритет и суверенитет, како и заштитата на националните малцинства се основа за мирот.
Во членот 1 се зборува за воспоставување на добрососедски односи врз основа на еднакви права, но и меѓусебно признавање на документите и симболите: пасоши, дипломи, регистарски таблички, царински печати.
Членот 2 вели дека двете страни ќе ги почитуваат правилата на Обединетите нации во однос на суверенитетот, почитувањето на независноста, автономијата и територијалниот интегритет, правото на самоопределување, заштитата на малцинските права и недискриминацијата.
Членот 3 ги повикува двете страни да ги решат сите спорови по мирен пат и без закана или употреба на сила.
Членот 4 јасно вели дека Србија нема да го спречи членството на Косово во ниту една меѓународна организација.
Во членот 5 се предвидува Србија и Косово да не се блокираат меѓусебно на патот кон членство во Европската унија.
Во членот 6 се дефинира и продолжување на дијалогот под раководство на ЕУ и по потпишувањето на овој договор, пред се за практични прашања за нормализација на односите.
Членот 7 зборува за правата на српското малцинство на Косово, кои треба да бидат заштитени во согласност со европската практика, правото на соодветно ниво на самоуправа за српската заедница, можноста за директна поддршка и врски на косовските Срби со Владата на Србија, како и заштита на Српската православна црква.
Во членот 8 се наведува формирање на Постојани мисии кои ќе бидат разменети меѓу Белград и Приштина.
Членот 9 ја опишува донаторската и инвеститорската улога на ЕУ и другите актери кои ќе донесат пари во Србија и Косово.
Во членот 10 потписниците се потсетуваат на обврската да го исполнат сето она што беше претходно договорено во дијалогот, но изрично не се споменува формирањето на Заедницата на српските општини, договорено во Бриселскиот договор од 2013 година.
Конечно, членот 11 е она што целосно недостасува: патоказ за имплементација на претходните десет члена од договорот.
Што одговори Вучиќ?
Претседателот на Србија по средбата двапати директно беше прашан дали Србија го прифаќа европскиот предлог, но Александар Вучиќ никогаш не даде конкретен одговор.
„Не разговаравме за потпишување и тоа е нешто друго – чекам да го видам планот за имплементација, пред се тој што се однесува на претходно постигнатите договори. Кога ќе ја спроведете Заедницата на српските општини, тогаш ќе можеме да продолжиме да разговараме“, рече тој.
Заедницата на српски општини треба да собере десет места на Косово каде Србите го сочинуваат мнозинството од населението. Нејзиното формирање беше договорено со Бриселскиот договор во 2013 година, но досега ништо не е преземено за исполнување на оваа обврска, освен што Уставниот суд на Косово донесе одлука дека дел од овој договор не е во согласност со Уставот на Косово.
Поради сето ова, официјален Белград не е поблиску до потпишување на европскиот предлог отколку пред вчерашната рунда преговори во Брисел.
„Мислам дека господинот Курти не беше подготвен да го прифати сега, се надевам дека ќе биде подготвен да го прифати во иднина. Се надевам дека ќе успееме да постигнеме некакви компромиси, но се плашам дека нема да заглавиме во нешто што е одамна потпишано и одамна требаше да биде исполнето“, изјави Вучиќ.
Што вели Албин Курти?
Косовскиот премиер Албин Курти вели дека е штета што договорот веќе не е потпишан.
„Не потпишав затоа што другата страна не беше подготвена за тоа – бев подготвен и заинтересиран да го потпишам овој текст“, рече тој.
„Овој состанок е потврда дека европскиот предлог е прифатлив и непроменлив, а претходно кажав дека е добра основа за понатамошни разговори и солидна платформа да се оди напред, така што сега ќе се разговара за планот за имплементација“, рече Курти.
Кои се следните чекори?
Откако се сретнаа и се разделија уште еднаш, без да се помират на иста маса, Белград и Приштина ќе продолжат да бидат домаќини на европските посредници.
Шатл дипломатијата се покажа како поуспешен метод за зближување на Србија и Косово, па Мирослав Лајчак во наредните денови ќе патува меѓу двата главни града.
„Ќе свикам уште една средба на двајцата лидери во текот на март со цел да се завршат разговорите за анексот на кој ќе се зборува за имплементација и со кој ќе се регулира фазата на имплементација на договорот“, најави европскиот комесар Жозеп Борел.
Во своето обраќање до медиумите, точниот датум на средбата не го откри Борел, туку српскиот претседател Александар Вучиќ.
Тој најави нова средба на ново место: за време на посетата на Борел на Северна Македонија на 18 март, дел од програмата ќе биде средба со лидерите на Србија и Косово.
Таа средба ќе се одржи само неколку дена пред утврдениот рок за договор на двете страни.
„Европскиот совет е на 23 и 24 март и сакаат дотогаш да имаат извештај дали сме постигнале нешто. А потоа соодветно ќе ги третираат нашите евроинтеграции“, заклучи српскиот претседател Александар Вучиќ.
Извор: Данас.рс/Новатв.мк