Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ги осуди нападите со дронови врз трговски бродови кај бугарскиот брег и изјави дека одговорните мора да се соочат со последиците.

„Црното Море стана уште еден фронт на ескалација во руската војна во Украина. Ова е неприфатливо“, напиша Фон дер Лајен на социјалната мрежа X.

„Остро ги осудувам нападите со дронови врз трговски бродови кај бугарскиот брег. Тие ги доведуваат животите на екипажите во сериозна опасност и ја загрозуваат безбедноста во Црното Море“, нагласи таа.

Претседателката на Европската комисија изјави дека Европската унија стои зад Бугарија и им се заблагодари на спасувачките екипи за нивната брза реакција.

Два трговски брода беа погодени во одделни инциденти во Црното Море во текот на ноќта. Шестмина морнари беа повредени во нападот врз товарниот брод „Челзи 3“ (Chelsea 3), кој пловел под малтешко знаме и се наоѓал на околу 18 наутички милји источно од Бјала. Сите 15 членови на екипажот – седум државјани на Украина и осум на Азербејџан – беа евакуирани. Пет лица беа пренесени во болницата „Света Ана“ во Варна, додека шестото лице беше пренесено во Воено-медицинската академија. Бродот остана да плови.

Во посебен инцидент, на околу 17 наутички милји источно од Крапец, потона уште еден брод. Според досега достапните информации, спасени се најмалку четири лица, иако деталите за екипажот сè уште не се целосни.

Бугарските власти ги координираат спасувачките операции и ги истражуваат околностите околу двата инцидента.

Премиерот Румен Радев најави дека ќе ја повика руската амбасадорка Елеонора Митрофанова на средба и ќе разговара со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте. Тој нагласи дека во моментов нема доволно убедливи докази за потеклото на дроновите за да може одговорноста да и се припише на која било конкретна држава.

Потеклото на дроновите и околностите околу двата инцидента сè уште не се дефинитивно утврдени.

Текстот Фон дер Лајен: Црното Море стана уште еден фронт на ескалација во руската војна во Украина е превземен од МАКФАКС.