Со цел поголема заштита и заедничко превентивно делување, за заштита од пожари, Општина Берово и ТППЕ Берово упатија предупредување до земјоделците, поради се почестата појава на палење стрништа во Малешевијата.
Во својот апел потенцираа дека е забрането палење оган на отворен простор, палење стрништа, растителни отпадоци, сув вегетациски горлив материјал во ловиште, пасиште, на земјоделско земјиште, како и палење на отворен оган низ полето, во шумата и нивна непосредна близина.
Потсетуваат дека постои целосна забрана за палење на оган на отворен простор, а апелот како што додадоа е предупредување и потсетување до лицата кои ќе се затекнат како палат оган на отворен простор или поради невнимание предизвикуваат пожар, дека подлежат на законски санкции.
-За таквите прекршоци предвидени се парични казни (по Закон за земјоделско земјиште, Закон за ловство и други закони). Потпалувачот ќе плати надоместот на штета за изгорените шуми и на туѓото земјоделско земјиште и плаќање на трошоците за интервенцијата за гаснење на пожарот. Покрај паричните казни за предизвикување на пожар, предвидени се и кривични санкции со повеќегодишен затвор, според Кривичниот законик за делата предизвикување на општа опасност и на шумски пожар, истакнаа од двете институции.
Во својот апел и укажување на земјоделците додаваат дека со опожарувањето на стрништа и обработливото земјиште, почвата ја губи потребната структура.
-Се угинуваат сите микро организми кој учествуваат во разградувањето на сите хранливи материи, потребни на растенијата, се влошува хумусот и самата структура на почвата, го намалува приносот и квалитетот на се она што се произведува. Да ја заштитиме животната средина, животинскиот и растителен свет. Не палете оган во шуми и друг отворен простор, се вели во апелот од ТППЕ Берово и Општина Берово.
За сите оние кои ќе забележат пожар ги упатија да ги контактираат на дежурните телефонските броеви на Противпожарната единица 193 или 112, Полициска станица – 192 или 112 и Центар за управување со кризи – 112 и 195.























