УМС на ВМРО-ДПМНЕ со чадор, столче за на плажа, кофа и лопатки се појавија пред Фондот за здравствено осигурување. Членот на ИК Валентин Манасиевски вели дека ова е пакетче за директорот Фатон Ахмети за да може да ужива на плажите во Атлантикот, додека тука системот крахираше поради што вработните не можеа да земат плата, а болните не можеа да земаат лекови.

„Додека здравствените работници скоро 2 месеци не можеа да земат плата, додека системот на податоци беше хакиран, додека пациенти секојдневно умираат поради неспособноста на власта за купување на лекови, додека млади лекари си заминуваат на работа во странство, директорот на ФЗОМ во ова време невреме заминал на одмор во САД.

Не знаејќи како да се соочи со реалноста, на директорот Фатон Ахмети најлесно му било да оди во САД и сето ова време да седи на плажа, пиејќи коктели и да игра со песок.

Затоа, ние како УМС на ВМРО-ДПМНЕ, денеска спремивме едно пакетче за директорот. Лежалка за да одмори, топка и сет кофички и лопатки за да игра на убавите песочни плажи и да не му здосади одморот, гума за пливање за кога ќе одлучи да се излади во водите на Атлантикот да не забега кон длабокото и да го загубиме и за крај чадор и крема за сончање за да не му изгори кожата бидејќи неговата кожа е поскапа од кожата на македонските граѓани.“, изјави Манасиевски.