Американскиот претседател Џо Бајден оваа недела ќе ја посети Полска, но според претставник на Белата куќа, тој нема да ја посети Украина во пресрет на годишнината од почетокот на руската инвазија, јави ДПА. Бајден ќе изрази континуирана американска поддршка за Украина додека е во соседна Полска, каде што ќе биде од вторник наутро, изјави синоќа портпаролот на Советот за национална безбедност на САД, Џон Кирби.
„Очигледно, ние одржуваме висок степен на солидарност со украинскиот народ“, рече тој.
„САД го предводат светот во однос на придонесите – без разлика дали се работи за хуманитарна помош или оружје за Украина – и ние ќе продолжиме да ја користиме нашата моќ за свикување состаноци за мобилизирање на светот, за мобилизирање поддршка за Украина. Но, нема планови за претседателот да влезе во Украина за време на ова патување“, додаде Кирби.