Бугарија и Северна Македонија да промовираат атмосфера на дијалог и да избегнуваат непотребни тензии, соопшти Европската комисија во врска со последните случувања во односите меѓу Софија и Скопје.
„Многу внимателно го следиме развојот на настаните поврзани со односите меѓу Бугарија и Северна Македонија. Европската комисија потсетува на важноста на добрососедските односи. Во овој контекст, потребни се напори од сите страни да се промовира атмосфера на дијалог и меѓусебно почитување и да се избегнуваат непотребни тензии“, истакнале од ЕК за БНТ.
Брисел не ги коментира случувањата на македонско-бугарската граница на 4 февруари, денот кога во Скопје се чествуваше раѓањето на револуционерот Гоце Делчев. По инцидентот во кој бугарски државјани се обиделе вербално да ги нападнат македонските полицајци, тројца од нив беа приведени, а од судот во Крива Паланка им беше изречена парична казна од 300 евра и забрана за влез во Македонија од три години. Тоа предизвика остра реакција од страна на бугарските власти.
Од Европската комисија за БНТ велат дека не коментираат тековни истраги или правни постапки.
Бугарскиот претседател Румен Радев вчера изјави дека во моментов владее состојба на вето во однос на продолжувањето на евроинтеграциските процеси на С Македонија бидејќи македонските Бугари, како што рече, сè уште не се впишани во Уставот на земјава, а со тоа и преговорите не се започнати.
Според него, антибугарската кампања во Северна Македонија веќе води кон злосторства од омраза – палење и пукање во бугарски клубови и физичко насилство.
Премиерот Димитар Ковачевски не сакаше да ја коментира изјавата на Радев со образложение дека Бугарија се наоѓа во предизборен период и секој политичар сака да собере глас повеќе.