Пишува: Џабир Дерала
Во своето обраќање до нацијата во Конгресот на 7 февруари, американскиот претседател Џо Бајден уште еднаш покажа дека негов највисок интерес и заложба е единството на нацијата. Бајден во изминатите две години покажа дека сака и може да работи заедно со опозицијата во остварување на заедничките интереси на земјата. Тој ги обликуваше своите политики и практики според потребите на „обичниот Американец“. И во ова обраќање, уште во првите минути, пред и да го започне говорот, Бајден го покажа својот силен стремеж за обединување на нацијата.
„До моите пријатели Републиканци, ако можевме да работиме заедно во претходниот Конгрес, нема причина да не можеме да работиме заедно и да најдеме консензус за важни работи и во овој Конгрес. Народот ни испрати јасна порака. Борбата заради самата борба, моќта заради самата моќ, конфликтот заради самиот конфликт – не води никаде“, рече американскиот лидер.
Во својот исклучително енергичен говор, Бајден ја крена конгресната сала на нозе голем број пати и извлече громогласни аплаузи педесетина пати за време на својот 69-минутен говор. Сосема очекувано, дел од Републиканците и гласно реагираа на делови од говорот на претседателот. А тој спремно им одговараше. Оваа интеракција меѓу претседателот и опозицијата, според коментаторите од Белата Куќа, е своевиден преседан, но и пример за динамичен и отворен политички дијалог. Дури и кога е во прашање обраќање до нацијата.
Ајде да ја завршиме работата!
„Ајде да ја завршиме работата!“ – повика Бајден повеќе пати во текот на своето обраќање до нацијата. Тој го често го користи изразот „Ајде да ја завршиме работата!“ во изминатиот период, за да поттикне на единство, но и да ги успокои, како своите политички противници, така и целата американска јавност, дека тешките одлуки и големите проекти и реформи се насочени кон сигурноста и просперитетот на државата и добробитта на сите.
„Во услови на економски пресврт во изминатите четири децении, премногу луѓе беа оставени или третирани како да се невидливи. Можеби тоа си и ти, што го гледаш ова од дома”, рече Бајден, кој е на чело на администрацијата што креираше 12 милиони работни места за две години, повеќе отколку било кој американски претседател за четири години.
Бајден се осврна и на кинескиот шпионски балон што прелета преку дел од САД и беше соборен од американски воен авион. Тој сподели дека му кажал на кинескиот претседател Си Џинпинг дека САД бараат конкуренција со Пекинг наместо конфликт. Но додаде: „Нема да се извинувам што инвестираме за да ја направиме Америка силна“. Притоа, го повтори став дека Кина е најголемата долгорочна закана за американските интереси.
„Не правете грешка во врска со тоа. Како што јасно кажавме минатата недела, ако Кина го загрози нашиот суверенитет, ние ќе дејствуваме за да ја заштитиме нашата земја. Тоа и го сторивме“, рече претседателот Бајден.
Тој им се обрати на Републиканците кои гласаа против неговите проекти за инвестирање во инфраструктурата.
„До моите републикански пријатели кои гласаа против, но сè уште бараат да финансираат проекти во нивните области, не грижете се. Ветив дека ќе бидам претседател на сите Американци. Ќе ги финансираме вашите проекти“, вети тој.
Бајден се осврна и на војната во Украина. Тој уште еднаш, повикувајќи ја украинската амбасадорка во САД, вети дека САД ќе бидат посветени на поддршка на украинската борба за слобода „колку што е потребно“.
Бајденовата „агенда за единство“ според која и Демократите и Републиканците работат заедно на приоритетите на државата, ги вклучува поддршката на ветераните, борбата против злоупотребата на опиоиди и решавањето на менталните болести. Според претседателот, има уште низа други прашања и области во кои двете ривалски политички партии можат да работат заедно, како што се построга регулација на Силиконската долина, антимонополско дејствување, посилна заштита на приватноста и мерки за заштита на децата на интернет.
„Знаете, често ни велат дека демократите и републиканците не можат да работат заедно. Но, во текот на изминатите две години, им докажавме на циниците и на противниците дека грешат“, рече Бајден во своето обраќање до нацијата кое многумина во Вашингтон го протолкуваа и како неформален почеток на неговата кампања за втор претседателски мандат.
Инспиративен говор. И реакции во големата сала на Конгресот на САД. Може да бидат пример за многумина што се занимаваат со политика. Се надевам дека и на некои политичари во нашата земја ќе им текне на што мислам.
Текстот е личен став на Авторот.